ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: Владимир Глигоров за полуфиналните натпревари

Со одигрувањето на полуфиналните натпревари помеѓу репрезентациите на Норвешка и Германија и Шпанија и Хрватска, Европското првенство се приближува до својата завршница кога ќе го дознаеме и новиот владетел со Европскиот ракомет до наредното Европско првенство што ќе се одржи во Хрватска во 2018.

Норвешка – Германија 33-34

Во првиот полуфинален натпревар се сретнаа репрезентациите на Норвешка и Германија, двете најголеми изненадувања на ова првенство. Двете репрезентации влегоа во овој натпревар максимално мотивирани за победа и пласман во финалето што резултираше со неизвесна завршница чиј крај го видовме после две продолженија.

Во првото полувреме видовме изедначена  игра од двете репрезентации во која доминираа одбраните на двете репрезентации. Норвешката репрезентација започна со 6-0 одбрана додека Германците комбинираа со 5-1 и 6-0. Двете репрезентации играа агресивно во одбраната обидувајќи се да не им дозволат на бековите да шутираат кон голот од изградени позиции. Прво поголемо водство направи репрезентацијата на Германија која што ги искористи двете исклучувања во Норвешката репрезентација во 11-та минута и успеа до 16-та минута да дојде во водство од 4 гола. Но ова водство воопшто не го наруши ритамот на игра  на Норвежаните кои заиграа поагресивно во одбраната и заедно со одбраните на  Еревик успеаа да го изедначат резултатот во 26-та минута на 12-12 и во следниот напад да прејдат во водство 13-12. До крајот на полувремето Германија успеа да направи пресврт и на полувремето да отиде со еден гол предност 14-13. Во овој дел од играта кај Норвешката репрезентација се истакнаа голманот Еревик и играчите Мурхол, Хабсен и Јондал со по 3 гола а кај Германците Реихман постигна 6 погодоци, Дамке  2.

Второто полувреме наликуваше на првото. Повторно двете репрезентации продолжија со својата агресивна игра во одбрана на која се надоврзаа одбраните на голманите на двете репрезентации а посебно се истакна голманот на Норвешка,Еревик. До 50-та минута резултатот беше изедначен кога Норвешката репрезентација го искористи исклучувањето на Кун и поведе со 2 гола разлика.До крајот на натпреварот Германија успеа да го анулира ова водство на  Норвешка и со голот на Дамке на 20 секунди пред крајот да го изедначи резултатот и да се избори за продолжетоци.

Неизвесноста околу победникот на овој натпревар и првиот финалист продолжи и во продолжението на натпреварот но овојпат репрезентативците на Германија влегоа со гол предност во последните 2 минути и успеаа да ја одбранат таа предност и да победат на овој натпревар што значеше и пласман во финалето.

Најдобри кај Норвешката репрезентација беа Бјорнсен со 8 гола,Мурхол и Јондал со 5 гола и Сагосен со 4 а кај Германската репрезентација најмногу се истакна Реихман со 10 гола,Хафнер и Кун со 5 гола и Фат со 4 гола.

Шпанија – Хрватска 33-29

Во вториот полуфинален натпревар се сретнаа репрезентациите на Шпанија и Хрватска кои што беа во групата на фаворити за освојување на првото место на  ова Европско првенство.

Хрватската репрезентација добро го отвори натпреварот и веќе во 4-та минута имашсе водство од 3 гола разлика. Агресивната 5-1 одбрана на Хрватите им зададе многу мака на противничките ракометари да дојдат до позиција за шут кон голот и ги наведе да направат и неколку технички грешки. Селекторот Кадењас се обидуваше со ротација на играчите во нападот и со агресивна одбрана да не и дозволи на Хрватската репрезентација да ја зголеми разликата и тие напори вродија со плод дури во 23-та минута кога Шпанците успеаа да го израмнат резултатот 13-13. Во тој момент Хрватска го изгуби ритамот на игра што го имаше од почетокот на натпреварот и беше принудена да прејде на 6-0 одбрана што не беше голема пречка за ракометарите на Шпанија да дојдат до позиција за шут кон голот.Посебен проблем во одбраната на Хрватите беше како да се спречи пикерот Агинагалде и уфрлањето на крилата на втор пикер. Од 23-та минута репрезентацијата на Шпанија ја превзема контролата на играта во свои раце и до крајот на полувремето успеа да создаде предност од 4 гола и на одмор д аотиде со резултат 18-14

Во второто полувреме Хрватската репрезентација се обиде повторно со 5-1 одбрана да воспостави рамонотежа во играта и да ја намали предноста на Шпанија.Тоа и успева во 46-та минута кога успева да дојде до само еден гол негатива, 24-23 и во наредниот период до 54-та минута да игра гол за гол недозволувајќи и на Шпанската репрезентација да има поголема предност од два гола. Во 54-та минута со две последователни технички грешски Хрватите им овозможуваат на репрезентативците на Шпанија да дојдат до 4 гола разлика и со тоа да ја сведат на минимум шансата на Хрватска за целосен резултаски пресврт до крајот на натпреварот. Во тој период кај Шпанците посебно се истакна Гарсиа кој со своите голови и игра во нападот им овозможи на своите соиграчи да дојдат до победа на овој натпревар и да се пласираат во финалето.

Најзаслужни за победата на Шпанија беа Гарсија и Ривера со 6 голови и Агинагалде со 5, а во тимот на Хрватска одлични беа Слишковиќ со 6 голови и Копљар и Мариќ со 4 гола