ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: БЛАГОЈЧО ВЕСИЌ ЗА СРБИЈА

По неуспехот на квалификациите за Светското првенство во Катар 2015, српската репрезентација на чело со новиот селектор Дејан Периќ се врати на меѓународната сцена.
На Европското првенство во Полска се пласираа откако во квалификациите во групата со Исланд, Црна Гора и Израел успееа да го освојат второто место. Подмладената репрезентација на Србија ќе биде продводена од Петар Ненадиќ и двајцата искусни клучни играчи, капитенот Иван Никчевиќ и нам добро познатиот Дарко Станиќ на голот.
Репрезентацијата на Србија до сега учествуваше на девет европски првенства. Најдобар резултат го постигнаа како домаќини на Европското првенството 2012 година, каде се закитија со сребро. Последниот континентален собир во Данска, го завршија уште по првата фаза од натпреварувањето. Лошите резултати продолжија и наредната година што беше причина за промена на селекторската фотелја. Матиќ замина, а Периќ од в.д. селектор се промовираше во главниот кормилар на Србија на патот кон Полска.

Благојчо Весиќ за Србија

Репрезентација на Србија, под ова име за прв пат се појавува во 2008-та год, иако предходно во состав на СФРЈ, подоцна Југославија, па и како заедница на Србија и Црна Гора, датира уште од многу порано и има остварено бројни добри резултати.
Од 2008-та година па наваму репрезентацијата на Србија не ги прикажува игрите кои се очекуваат од неа. Јавноста, можеби водена од резултатите од минатото, пред секое натпреварување е во исчекување на добар резултат. Бројот на квалитетни ракометари е огромен. Ракометари кои играат во врвни европски клубови и кои се носители во тие клубови, во репрезентацијата не го даваат очекуваниот максимум. Пред секое големо натпреварување во репрезентацијата се случуваат голем број на проблеми, од типот на откажувања на играчи, несогласувања со селекторот, сојузот… Едноставно им недостасува потребната хемија и атмосфера за да се постигне врвен резултат.
Тоа му појде од рака само на селекторот Веселин Вуковиќ, кој со репрезентацијата на Србија го освои 2-то место на Европското првенство во 2012, на кое беа домаќини и со тоа остварија пласман и на Олимписките игри во Лондон 2012. Тоа претставува најголем успех на српскиот машки ракомет во поновата историја.
Селектор на репрезентацијата на Србија за ова Европско првенство е голманската легенда Дејан Периќ. Периќ беше во стручниот штаб на поранешниот селектор Матиќ, за да после тоа го наследи на селекторската позиција. Во почетокот како в.д. селектор, за после добрите игри и пласманот на Европското првенство да му биде дадена комплетна доверба и подршка од страна на федерацијата. На Периќ ова му е прво тренерско искуство и затоа многумина се сомневаа во неговите квалитети како тренер, меѓутоа со самиот пласман покажа дека не само како играч туку и како тренер вреди.
Селекторот е умерен во изјавите пред првенството, за главна цел ја поставува пласман во понатамошната фаза на првенството. Најавува безпоштедна борба против фаворитите Франција и домаќинот Полска, а на сè или ништо ќе атакува на последниот меч во групата против селекцијата на Македонија.
Повторно и на ова големо натпреварување не изостанаа контраверзии, поделени мислења и ставови околу изборот на селекторот. Овојпат, Периќ се одлучи да ги изостави од составот двете најголеми ѕвезди, долгогодишниот капитен Момир Илиќ и леворакиот бомбардер на Кил, Марко Вујин.
Нападот на репрезентацијата на Србија во голема мера ќе зависи и ќе се потпира на бековската линија Шешум, Ненадиќ и Зеленовиќ. Сигурно овој напад ќе биде многу побрз, во отсуство на ‘тешки‘ бекови, што го гледам како единствена шанса против противничките одбрани. Сите три репрезентации во групата (Франција, Македонија, Полска) преферираат да играат одбрана 6:0, па со брз пренос на топката, доста промени во движењата на бековите, минимален број на технички грешки, може да се надеваат на успех.
Одбраната на репрезентацијата на Србија во главно е 6:0, со Абутовиќ и во овој случај Бијелански на средината како главен бедем. Не ја исклучувам можноста Србија во некои моменти да одигра и одбрана 5:1 со Никчевиќ истурен напред.
Меѓутоа каква и да е одбранбената формација, во најголема мера сè ќе зависи од последната препрека кон голот, а тоа е Дарко Станиќ.
Противници на репрезентацијата на Србија во групата, која се игра во Краков, се Франција, Полска и Македонија.
Првиот противник на репрезентацијата на Србија е домаќинот Полска. Како и на секој домаќин, така и на репрезентацијата на Полска, очекувањата се највисоки. Потпомогнати од фанатичната публика, агресивната одбрана и убоитиот напад, Србија може тешко да се надева на бодови во овој меч.
За репрезентацијата на Франција не се потребни зборови, доволно е само да се каже Франција и сè е јасно. Репрезентација која има освоено сè и на секое натпреварување доаѓа со најголеми амбиции.
Третиот и последен противник на репрезентацијата на Србија е репрезентацијата на Македонија. Противник кого и самиот селектор Периќ го посочува  како тим против кого може да игра  и да победи и против кого ќе бара пласман во втората фаза од првенството. Од друга страна селекцијата на Македонија доаѓа на ова првенство со големи амбици, да избори пласман во квалификациите за Олимписките игри во Рио 2016-та, што наговестува дека ќе следиме интересен меч.
srKlucni-4
Во отсуство на првите ѕвезди во тимот, клучни играчи на Србија се Ненадиќ, Шешум и Станиќ.
  • Најдобриот стрелец во германската Бундеслига, членот на Фуксе Берлин, Петар Ненадиќ ја доби улогата на лидер на овој тим на ова првенство и со тоа можност да ги потврди своите квалитети во националниот дрес.
  • Жарко Шешум игра како препороден во бундеслигашот Гепинген и како еден од поискусните, ќе треба да изнесе голем товар на ова првенство.
  • Српскиот „министер за одбрана“ Дарко Станиќ е клучна фигура во овој тим. Многу е битно во каква физичка и психичка ќе дојде Станиќ на ова првенство. Ако дојде максимално фокусиран и посветен, тогаш тој ќе биде еден од главните играчи на кои Србија може да се потпре за ова првенство.