ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ ЗА УНГАРИЈА

Експресно обезбедениот пласман на Европското првенство 2016 и поволниот здравствен билтен, ветуваат враќање на репрезентацијата на Унгарија во европскиот ракометен врв. Иако, не можат да се пофалат со многу освоени одличја во последните неколку децении, Унгарците секогаш важат за фаворити. Тоа го потврдува и фактот дека во 2014 кормилото го превзема моментално еден од најдобрите тренери на планетата, а своевремено и најдобар светски ракометар Талант Душебаjев.

Целта е пласман на Олимписки игри во Рио 2016, но Душебајев најави вклучување во трката по европски медал. Задачата нема да им биде нималку лесна, а на самиот старт треба да се докажат во исклучително тешка и израмнета група каде се уште и Данска, Русија и Црна Гора.

Од 2004 година се редовни учесници на Олимписките игри, а киксот во квалификациите за Светското првенство во Катар нема да им дозволи ниту една грешка во Полска доколку го посакуваат Рио.

АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ ЗА УНГАРИЈА

Без никакво сомнение во Унгарија, ракометот е спорт број еден. Имаат долга ракометна традиција како клупска така и репрезентативна. Унгарија има две одлични екипи Веспрем и Пик Сегед, кои имаат значајна улога во Лигата на шампиони. Од Веспрем и оваа година се очекува пласман во самата завршница.

Унгарија е редовен учесник на големите натпреварувања (Европски, Светски и Олимписки игри). Најголемиот успех го има забележано во 1986 година во Швајцарија на Светското првенство кога во финалето беа поразени од златната генерација на Југославија.

ДУШЕБАЈЕВ е еден од најдобрите тренери во Европа. Секогаш знае што сака и како тоа да го спроведе на дело. Знае одлично тактички да ја подготви екипата за секој противник. На чело на унгарската репрезентација Душебајев дојде на почетокот на квалификациите како замена за искусниот Лајош Мочаи. Иако, со играта која ја покажаа не беа убедливи во натпреварите, квалификациите ги поминаа успешно. До почетокот на првенството репрезентативците на Унгарија имаат доволно време да се запознаат со визијата на тренерот, а новиот селектор ќе внесе свежина во унгарските редови. Затоа сметам дека на првенството ќе гледаме една сосема поинаква Унгарија.

ГОЛМАНИТЕ се најбитна алка во ракометната игра. Ако имате добар и расположен голман (во добра форма), многу полесно се доаѓа до врвни резултати.

Унгарија има одличен прв голман во името на Роланд Миклер, кој брани во одлична форма изминативе две сезони. За втор голман ќе треба да почекаме за кого ќе се одлучи Душебајев, дали изборот ќе падне на искусниот Фазекаш или ќе се одлучи за младиот Шеклеј.

Унгарија  се наоѓа во Д групата со репрезентациите на Данска, Русија и Црна Гора. Сметам дека за првите две места во групата ќе се борат Данска и Унгарија, а за трето место кое води во следната фаза ќе се борат Русија и Црна Гора. Мислам дека Душебајев ќе ги фрли сите карти на групната фаза. Ќе се обиде да ја темпира формата за првите три натпревари, за да ја изненади Данска и да пренесе 4 бода во следната фаза каде се вкрстуваат со групата на смртта:  Шпанија, Шведска, Германија и Словенија.

Веројатно Душебајев ќе биде “најдобар играч” во унгарската репрезентација. Тој има способност да ги убеди и увери своите играчи дека тимот е над поединецот и дека дисциплината и одговорноста носат резултати.

Не очекувам дека поединци:(Миклер, Наѓи и Иванчик) ќе ја носат репрезентацијата. Сметам дека од тимот ќе се истакне по еден поединец на секој натпревар (можеби некој одбранбен играч).

Унгарија ќе биде пријатно изненадување на Европското првенство во Полска!

UNGkluc

Клучни играчи:

Роланд Миклер, еден од најквалитетните европски голмани. Врвната форма му овозможи место во најдобриот унгарски клуб. Миклер заедно со Веспрем минатата сезона беше дел од финалето на Фајнл Фор турнирот во Лигата на шампионите. На крајот на минатата сезона, Миклер доби признание за својот потенцијал кога беше одбран како дел од најдобрите седум во Лигата на шампионите. Оваа сезона просторот меѓу статитвите го дели со хрватскиот голман Мирко Алиловиќ, но останува впечатокот дека се работи за еден од најквалитетните млади голмани.

Ласло Наѓи, еден од најдобрите поединци во репрезентацијата на Унгарија. Искусниот десен бек позади себе има богата и успешна интернационална кариера, а со Барселона двапати ја освои Лигата на шампионите. Тој е еден од најдобрите голгетери во европскиот ракомет, а капитенската лента која му ја довери Веспрем говори за неговата улога во тимот.

Герго Иванчик, еден од најискусните ракометари на Унгарија зад Часар и Наѓи. Игра на позиција лево крило и е еден од најстандардните репрезентативци во изминативе години. Иако ја загуби својата позиција меѓу првите седум во Веспрем, неговото искуство и улогата во одбраната на екипата го прават еден од клучните ракометари во четата на Душебајев.