Драма во Кумамото: Холандија ја изненади Русија – ќе се бори за злато на Мундијалот!

Репрезентацијата на Холандија е првиот финалист на Светското првенство во Јапонија, откако славеше над големиот фаворит Русија со 33-32.

Во првиот дел најчесто Холанѓанките беа во предност со еден или два гола разлика, но Русија секогаш израмнуваше и на пауза се замина со реми, 16-16.

По слично сценарио се одвиваше и вториот дел, но сега Руснките беа тие што водеа со еден или два гола разлика, а Холанѓанките бркаа.

Во последнта минута се влезе со 32-32, а Ван дер Хејден го даде клучниот погодок за победа, 33-32. Вјахирева шутираше во последните секунди, но покрај голот, па големата радост на Холандија можеше да почне.

Ривал на Холандија во финалето ќе биде победникот од второто полуфинале меѓу Норвешка и Шпанија.

Во битката за петтото место Црна Гора ја совлада Србија со 28-26, додека Шведска беше убедлива против Германија и славеше со 35-24.