ДОПИНГ АФЕРА: Трите Романки ја признаа вината, ги чека казна од шест месеци до четири години!

Романскиот ракомет деновиве го тресе огромен скандал. Клопчето околу допинг аферата со ракометарките на Корона Брашов денеска ќе почне да се одмотува. Романската антидопинг агенција, АНАД, откри дека денеска ќе бидат објавени казните за трите ракометарки што ја признаа вината.

Кристина Ласло, Бјанка Базалиу, кои требаше да играат за Романија на СП, како и Дачијана Хосу, беа повикани на разговори во АНАД, иако уште други 13 ракометарки на Корона биле на третман во клиника во Букурешт, каде се користела ласерска терапија.

Тие три објавиле фотографии од посетата на клиниката и од третманот на социјалните мрежи, потоа во АНАД го признале тоа, но не знаеле дека се работи за допинг. Ласло, Базалиу и Хосу ризикуваат казна од шест месеци до четири години, но може да биде преполовена ако соработуваат во истрагата.

Што ќе биде со останатите 13 ракометарки во клубот Корона (во кој настапува и македонската интернационалка Наташа Нолевска) и кои оделе на третмани во клиниката во Букурешт, се уште не е познато.

Поради допинг аферата, Корона би можела да биде исфрлена од романскиот шампионат, а и Европската ракометна федерација планира да ја исфрли од ЕХФ Купот. На место на Корона, најверојатно во групите од ова натпреварување ќе игра Глорија Бистрица, која беше елиминирана во третото коло од тимот од Брашов.