Дмитри Санталов ќе дојде во Вардар – но од 2020 година!

Младиот руски репрезентативец Дмитри Санталов, кој во моментов има договор со рускиот шампион Чеховски Медведи, ќе се пресели во европскиот шампион, но не оваа, туку следната сезона. Од тимот на „мечките“ најавија дека младиот руски лев бек најверојатно ќе го одработи договорот до 2020 година, а потоа ќе дојде во Вардар.

„Санталов има договор со нас до 2020 година и чесно ќе го одработи. Тој има преддоговор со европскиот шампион. Вардар ги надмина сите проблеми, ќе продолжи да постои, па Санталов ќе се пресели таму следната година“, изјави за „Брз Центар“ Александар Сафонов, генералниот директор на Чеховски Медведи.

Санталов пред скоро една година во изјава за 24Ракомет потврди дека преговорите се актуелни и дека наскоро ќе дојде во Скопје.

„Не сум го одбил Вардар, преговорите се уште се отворени“, кажа тогаш корпулентниот лев бек.

Во Вардар моментално во штотуку завршената сезона игра петмина руски репрезентативци – Тимур Дибиров, Сергеј Горбок, Дмитри Кисељов, Глеб Калараш и Данил Шишкарев. Руската колонија догодина може само да се зголеми, иако Кисељов ќе си замине. Сите Руси му кажувале само убави работи на Санталов за Вардар и Скопје.

„Сите ми кажуваат дека се работи за одличен тим и дека во Вардар се е убаво. Големи се шансите да се преселам во Скопје“, најави тогаш Санталов во изјавата за 24Ракомет.

Корпулентниот лев бек кој има 196 сантиметри и 87 килограми располага со одличен шут од далечина. Има 22 години и беше младински репрезентативец на Русија на последното СП на кое Македонија го освои 6. место. Тој постигна 43 гола на тој шампионат и го сврте вниманието на себе.

Со игрите за Чеховски Медведи во минатите три сезони во Лигата на шампионите уште повеќе покажа дека се работи за голем талент кој може да израсне во еден од најдобрите леви бекови. Вардар би направил одличен потег со неговиот ангажман бидејќи ќе донесе играч кој ќе може да го торпедира голот од позицијата лев бек, посебно во ситуација кога Борозан е само минато за „црвено-црниот“ тим.