Данците признаа: Да, ја оштетивме Хрватска и не можевме да спиеме поради тоа!

По скандалозниот крај на натпреварот помеѓу Германија и Хрватска по кој Германија славеше со голема помош од страна на данскиот судиски пар Гјединг-Хансен, во јавност со своја изјава излегоа и “ѕвездите” на вечерта.

При резултат 21-20 за Германија и напад на Хрватска, Мартин Гјединг досуди пробивање на Игор Карачиќ врз германскиот ракометар Виде, момент кој се покажа како клучен во креирањето на победникот. По тој непопуларен потег конечно во јавноста се огласи судијата кој ја донесе таа скандалозна одлука:

“Еден од главните критериуми кога се суди пробивање во напад е одбрамбениот ракометар да стои мирно кога додека напаѓачот се забива во него. Тоа не беше такa во овој случај. Не ми требаше повеќепати да ја погледнам снимката за да се уверам дека погрешив-изјави Гјединг за данската телевизија, а во продолжение откри како воопшто не спиел претходната вечер.

“Не се наспавме синоќа, но мораме да прејдеме преку тоа.Тоа беше одлука која имаше големо влијание на пласманот на една репрезентација и таа оди на моја душа. Во најдобар случај беше дискутабилна ситуација во која двајца ракометари удираат еден во друг, и да се свирне фаул во напад беше погрешно-  ја призна вината данскиот судија.