Густавсон: Подготвени сме за Македонија!

Во премиерниот меч од 4.коло во рамките на групата Б, репрезентацијата на Исланд славеше над Јапонија резултат 25-21, и ги задржа шансите за пласман во вториот круг.

Избраниците на Гудмундсон потешко од очекувањата ја совладаа Јапонија која од натпревар во натпревар играше се подобро, но доволно само да ги намачи репрезентациите од калибарот на Шпанија и Исланд.

Голманот на “рибарите” Густавсон призна дека натпреварот со Јапонија беше тежок против навистина мудар и упорен противник, предводен од одличен тренер. Сега фокусот е само на Македонија.

” Одигравме навистина тежок натпревар против доста упорна и мудра репрезентација , која е предводена од одличен тренер. Беше тешка борба, но најважно е што стигнавме до победата. Сега ни останува да се фокусираме на нашиот следен предизвик а тоа е Македонија”.

Густавсон очекува тотално различен натпревар против репрезентацијата со која тој и неговиот Исланд одиграле безброј натпревари.

“Ќе биде тоа тотално различен натпревар од овој денеска против Јапонија. Многу емоции, напревар кој ќе биде финале за двете репрезентации, многу емотивен. Двете репрезентации имаат неверојатен меѓусебен респект, Македонија има топ ракометари и е предводена од еден од најдобрите тренери на светот”.

Македонија не може да ги изненади со ништо, бидејќи тој и неговите соиграчи како што вели се подготвени на се.

“Мора да бидеме подготвени за се. Имаме голем број на видеа, едноставно подготвени сме за овој натпревар. Фокусирани сме за тоа што не очекува утре, а верувам дека е така и во спротивниот табор.”

За разлика од минатата година, нерешен резултат не оди во прилог ниту на Исланд, ниту на Македонија.

“Добро е да се знае. Тогаш мораме да победиме”- заврши расположено исландскиот чувар на мрежата, Густавсон.