Гонзалез со грижи: Одбраната 5-1 на Брест ќе ни прави проблеми

Дуелот против Брест кој се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде можност за трета победа во серија на Вардар во новата сезона од СЕХА-лигата. Вардарци тргнаа одлично со двете победи против Металург и Горење, па сега се очекува уште една победа, а тоа го најавуваат и тренерот и капитенот на тимот.

„Брест ја смени одбраната и игра 5-1 и 6-0. Оваа сезона немаме играно против 5-1, но имаме време за подготовка. Драго ни е што играме во Скопје. Сакаме победа бидејќи нашата цел сезонава е да играме одново на фајнл фор. Веќе имаме две победи, но сакаме уште една“, изјави тренерот Раул Гонзалез.

Мислењето го дели и пивотот, Стојанче Стоилов, кој е сигурен дека Вардар има квалитет за многу повеќе.

„Двете средби досега ги добивме со голема разлика, но мислам дека можеме уште подобро. Вардар докажа дека има потенцијал за уште повеќе. Среќни сме што победивме на првите два меча, но сега не чека дуел со Брест. Тоа е тим кој добро го знаеме кој има големи промени во составот, но ние одиме на триумф“, изјави Стоилов.

Средбата се игра на 8 септември од 17.45 часот.