Вуја и дел од ракометарите на Загреб прво победија во Брест, па завршија на инфузија

Екипата на Загреб во рамките на СЕХА регионалното натпреварување ги изненади домаќините и во Брест успеа да го совлада белорускиот шампион Мешков со конечен резултат 21-24. Но сенка на добрата форма на „плинарите“ фрли веста дека петорица играчи заедно со тренерот на екипата по натпреварот завршиле во болница.
Поради вироза и исцрпеност тренерот на екипата Веселин Вујовиќ заедно со ракометарите Шушња, Вујиќ, Павловиќ, Степанчиќ и Ивиќ завршиле во болница.
Сите ракометари настапија на мечот во Белорусија, најпрецизен беше Вујиќ со четири погодоци, десниот бек Степанчиќ постигна три погодоци, Павловиќ еден, додека Ивиќ имаше шест интервенции. Веднаш по натпреварот членовите на ППД Загреб почуствувале слабост и исцрпеност поради што морале да примат инфузија во болницата во Брест и да го пропуштат предвидениот лет за Хрватска. Плинарите од Белорусија ќе се вратат денес преку Варшава по што многу веројатно е дека нема да бидат подготвени за дуелот со Вардар, натпревар закажан за 12 септември.