Вардар е авангарда: Ангажираше женски тренер во стручниот штаб

Стручниот штаб на Вардар доби нов член и во иднина на клупата ќе биде и Билјана Црвенковска, заедно покрај главниот тренер Роберто Гарсија Парондо и тренерот на голманите Дејан Периќ. Таа е поранешка ракометарка на женскиот клуб на Вардар, и повеќе од една деценија репрезентативка на Македонија. Досега беше на местото заменик директор во клубот каде работеше по завршувањето на професионалната кариера во 2014 година.

Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија што ќе има женски тренер во стручниот штаб. Црвенковска ќе биде и единствен тренер во стручниот штаб на клуб во лигата на шампионите и СЕХА Газпром лигата.
Таа лани двапати беше на клупата на Вардар на натпревари од лигата на шампионите, на дуелите со Мешков Брест и Рајн Некар.

Билјана Црвенковска е дипломиран професор по физичко образование, спорт и фитнес и администрација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има и трета категорија како ракометен тренер во Македонија.

Зад себе има големо играчко искуство како дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров во периодот од 2001 до 2008 година. Шест сезони беше дел од екипите на Ускудеа (Турција) и Салерно (Италија). Од 2012 до 2014 година играше за Вардар и беше дел од тимот што првпат настапи на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Во својата 13 годишна репрезентативна кариера има настапувано на три СП и три ЕП во периодот од 2001 до 2014. Во 2008 година го постигна најголемиот успех на репрезентативно ниво со седмото место на сениорското ЕП.

Црвенковска во 2013 година беше прогласена и за најдобра спортистка на Македонија, во изборот на Сојузот на спортски федерации и Агенцијата за млади и спорт.