Вардарци останаа без сили, нов тежок пораз од Веспрем вечерва и во Скопје

Екипата на Вардар претрпе нов тежок пораз во Лигата на шампионите, овој пат на домашен терен. Веспрем ги казни сите грешки на „црвено-црните“ и искористи сè што можеше така што на крајот си заминува со два бода од ова гостување во СЦ „Јане Сандански“, но и со победа од дури 38:29.

После првите 2-3 минути во кои и на двете страни имаше по два гола, а Вардар двапати израмнуваше дојде до лош период во кој ракометарите на Веспрем направија 7:0. Во 10. минута беше 2:9 и тука веќе беше загубен ритамот во овој меч во кој гостите прерано имаа високо водство.

Седумте гола негатива како да најавија мало будење кај „црвено-црните“ кои некако успеаја да се одржат на константно ниво и почнаа да играат подобро. Имаа констатна игра во која успеваа постојано да бидат на пет гола негатива. Сепак, на моменти Веспрем се враќаше на плус седум, па до крајот на првото полувреме остана негативата меѓу 5 и 7 погодоци.

Пред заминување на одмор Вардар го имаше последниот напад, но истиот не беше искористен, па Ненадиќ реализираше во празниот гол за 15:22 на одмор.

Вториот дел не донесе ништо ново освен дебитантот Васил Гогов, кој доби шанса за да игра после Гедбан и Кизиќ кои бранеа во првото полувреме. До 40. минута се одржуваше разликата од седум гола и имаше по четири гола на двете страни. Сепак, од тој момент како да се загуби здивот, па веќе почна да станува јасно дека ова ќе биде уште еден тежок пораз бидејќи во 48. минута резулатот беше 23:33.

Ништо поразлично не беше ниту до крајот. Не одеше ништо од рака. Очигледно и заморот почна да делува кај повеќето така што на крајот резултатот беше во  корист на гостите кои со ова се враќаат на 2. место во Групата Б и се најблизу до Кил и во трка за директен пласман во четврт-финалето. Вардар останува на 6. позиција во групата и ќе биде тешко да се направи чекор напред и напролет за да се има полесен ривал во осминафиналето.

ВАРДАР – ВЕСПРЕМ      29:38 (15:22)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 5500. Судии: Јеспер Киркјолм Мадсен и Хенрик Мортенсен од Данска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.

ВАРДАР: Гедбан (2 одб.), Кизиќ (1 одб.), Гогов (4 одб.), Стоилов 1/2, Кукуловски, Димитриоски 1/1, Кристопанс, Сикошек Пелко 3/4, Атман 7/9, Скубе 3/5, Калараш 4/4, Чупиќ 4/5, Дибиров 3/5, Горбок 0/2, Шишкарев 3/5, Горпишин.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 2 мин.

ВЕСПРЕМ: Штербик, Цупара (5 одб.), Манасков 1/3, Јахија 2/4, Мораеш 4/4, Тонесен 2/4, Гајиќ 4/4, Нилсон, Маргуч, Лауге Шмит 4/6, Штрлек 2/3, Терзиќ, Благотиншек 2/3, Ненадиќ 11/12, Мацковшек 5/5, Борозан 1/3.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 10 мин.