Борко: Не сакам да плукам по младите, ама треба да стават прст на чело по ваков настап

Македонија го доживеа вториот пораз на Мундијалот во Данска и Германија.  Актуелниот Европски првак Шпанија беше преголем залак за избраниците на Раул Гонзалес, иако по првото полувреме тоа не изгледаше така. Одиграа “црвено-жолтите” одлично прво полувреме кое и покрај недозволениот број на грешки ветуваше многу подобар втор дел. Сепак почетните пет минути од продолжението многу брзо не вратија во реалноста, а потоа цели дваесетина минути гледавме ревијален натпревар во Олимпијахале во Минхен.

Борко Ристовски кој освен обидот да спречи еден седмерец не доби шанса вечерва, е посебно критичен кон младите репрезентативци кои според него треба да се подзамислат за начинот на кој ги користат своите минути.

“Одигравме еден натпревар каде и самите рековме дека ќе ги чуваме силите за утре, но после овој пораз од 11 разлика треба сите да се подзамислат, а посебно младите ракометари кои добија шанса. Ние како репрезентација градиме некој имиџ и рејтинг веќе десетина години, и да се прават вакви наивни грешки е недозволиво. Ок да земеме во предвид дека се млади, меѓутоа да правите грешки кај што нема жар, нема борба, нема дуел во второ полувреме, мислам дека е премалку за репрезентацијата. Сите млади ракометари кои добија шанса да настапат треба да го стават прстот на чело и доколку вака настапуваа за репрезентацијата во иднина мислам дека нема да имаме некој поголем успех. Сепак на овој пораз не треба да се гледа толку трагично, грешките се бидејќи немаше борбеност, и желба за надигрување. Рековме и пред натпреварот дека Шпанија е доста квалитетна, актуелни Европски шампиони, но тоа не значи дека не треба да се борите, да се надигрувате, и со настапот да стекнете поголемо искуство на големите ракометни натпреварувања. Не би сакал сега да фрлам со дрва и камења по нив, но неприфатливо е да не се борите и да не дадете 100% од себе на вакви натпревари, а не верувам дека еден од нив даде 100% од себе. Главата горе, утре не чека еден тежок меч кој е да се биде или не и за нас и за Исланд. Ќе мора утре сите заедно вклучувајќи ме и мене да дадеме многу подобар перформанс ако сакаме да се пласираме во вториот круг, каде со победа ни се отвараат многу шанси. Од ова треба сите да научиме нешто, исто и вие новинарите да не му правите притисок на селекторот за млади играчи, бидејќи се уште им е рамно, и покрај тоа што настапуват за своите клубови не се дораснати за СП.”- го заврши своето подолго обраќање пред новинарите голманот Борко Ристовски.