Борко: Не е срамота да се признае дека Исланд е поквалитетен од нас

Македонската ракометна репрезентација го загуби решавачкиот натпревар за пласман во следната фаза на СП во Данска и Германија. Подобар од “црвено-жолтите” беше составот на Исланд кој славеше со 24-22 (11-13), и го испрати нашиот национален тим во “Президент купот” во кој ќе разигруваме за пласман од 13 до 16 место.

Борко Ристовски вечерва колку и да е тоа тешко собра сили и призна дека Исланд во овој момент е подобар од Македонија.

“Ова беше навистина тежок натпревар, вистинска борба на теренот. Не е срамота да се признае дека Исланд е поквалитетен од нас, видовте дека цел прв круг од првенството го одигравме со еден ист број на играчи. Од оние кои настапија не недостасуваше борбеност но видовте и сами дека недостасува квалитет. Мора да бидеме реални и да кажеме дека Исланд беше подобар, иако на моменти имаше и среќа но неа ја заслужуваат борбените и  храбрите”.

Ристовски повторно се наврати на македонската реалност за која мора да станеме сите свесни и да се симнеме од облаци.

“Ние стално кажуваме дека имаме квалитет, имаме иднина, но реалноста е поинаква. Мораме тотално да го смениме начинот на размислување, да бидеме поприземни при најавувањето на сите оние “големи” таленти и замени на не знам кого и како. Да бидеме реално видовме кај Исланд што значи промена на генерации и кој квалитет го имаат тие, а го видовте на нашите млади ракометари. Тоа е за жал реалноста која мене посебно ме боли, но видовме како одиграа младите во Исланд а како кај нас. Можеби ова го кажувам со жешка глава по натпревар но генерално таков е мојот впечаток од ова СП. Сега треба да се одмориме и да видиме што и како понатаму.”- заврши Ристовски.