Билик го спаси Кил од нов шок, го позиционираше кон четврт-финале

Репрезентативецот на Австрија, Никола Билик е херојот на Кил во победата над Монпелје после големо надигрување кое траеше во текот на сите 60 минути. Кил се избори за два бода откако славеше со 33:32 со голот на Билик на 99 секунди до крајот на средбата.

Неизвесноста траеше во текот на целата средба. Монпелје имаше и плус три на одмор. Водеше со 19:16, а на почетокот на второто полувреме имаше и предност од четири гола и водеше со 21:17 и 22:18. Сепак, оваа предност не беше доволна за да може да се одигра мирно до крај бидејќи домашните почнаа да ја топат негативата и во 42. минута стигнаа до 23:24.

До нерешени 27:27 се стигна во 49. минута што следуваше и пресврт бидејќи минута подоцна Кил поведе со 28:27. Од тој момент до крајот практично се играше гол за гол. На моменти Кил имаше и плус два, а на крајот тимот на Кил имаше повеќе сили и умешност да го зачува водството за нови два бода. Со нив сега има плус четири пред Веспрем и Келце, но Унгарците утре го играат својот меч од 10. коло против Вардар.

Најефикасен беше стрелецот на последните два гола за Кил, Билик со осум погодоци, а зад него со седум беше Никлас Екберг. Кај поразените седум гола постигна Валентин Порт, додека по пет имаа Ричардсон и Лене.