Барселона шампион на четири кола до крајот!

Екипата на Барселона со победата над Арагон од 48-22(22-8) на четири кола пред крајот ја освои својата 13-та титула во Шпанската Асобал Лига. Ова е 4-та титула во низа (2010-2011,2011-2012,2012-2013,2013-2014), со што Барселона ја потврдува својата доминација во Шпанскиот ракомет во изминативе години.

Натпреварот против Арагон беше еден вид реприза на сите натпревари кои Барса ги одигра оваа сезона во домашната лига. Тотална доминација, победувајќи го противникот уште во првото полувреме. Каталонците буквално се поигруваа со својот противник, прославувајќи ја својата 13-та титула со стил.Најдобри стрелци на натпреварот беа Кирил Лазаров и Хуанин Гарсија со 7 голови, додека Карабатиќ и Рутенка по 5 пати ја погодија мрежата на Арагон.

Задржувајќи го костурот на тимот и ангажирајќи суперзвезди од калибарот на Карабатиќ и Лазаров, по освојувањето на Асобал,Барселона се врти кон својот главен предизвик за оваа година а тоа е враќањето на тронот на Европа каде исто така се фаворити.