Барселона трета во Келн

Во натпреварот за третото место на машкиот ракометен “фајнл фор” во Келн, екипата на Барселона во интересен натпревар успеа да го совлада Веспрем со 26-25(9-10) и да го освои бронзениот медал.Сепак третото место ќе биде мала утеха за каталонците знаејќи со какви амбиции и желби влегоа оваа година во Ехф лигата на шампионите.

Изедначено прво полувреме одиграа екипите на Барселона и Веспрем. Полувреме во кое и двете екипи беа повеќе фокусирани на одбраната, додека во нападот потешко доаѓаа до противничкиот гол. За индиспонираноста на ракометарите на Барселона во првото полувреме  говори и фактот дека единствен стрелец во редовите на каталонците за цели 16 минути игра беше Сергеј Рутенка кој ги постигна сите 6 голови за својот тим до тој момент. Арпад Штербик беше одличен на голот но преку несватливи грешки во контра нападите Барселона не успеваше да ги валоризира неговите одбрани. И на спротивната страна Фазекаш беше во елемент, одлично го отвори натпреварот бранејки 2 удари од 7 метри и докажа сеуште потсетува на своите најдобри денови. Водството постојано се менуваше на двете страни и не беше поголемо од 1 гол разлика за двете екипи. Со влегувањето во игра на Чема Родригес се забрза играта на унгарскиот тим, и полесно ја пробиваа одбраната на Барселона. На полувреме Веспрем беше подобар за еден гол и резултатот гласеше 9-10 за унгарците.

рутенка

Второто полувреме Барселона го започна со одбрана 5-1 во која Дани Сармиенто беше истурен напред. Но и таа промена не влијаеше многу на играта, Барселона во тој период играше конфузно во нападот со многу грешки кои Веспрем знаеше да ги искористи правејќи серија од 4-0 за 9-13 во 35 минута.Тоа беше знак за Чави Пасквал да повика тајм аут. Каталонците по тајм аутот го имаа Дани Сармиенто кој во тие моменти беше нерешлива енигма за екипата на Веспрем и главен иницијатор за враќање на Барселона во игра. Со неговите 3 голови и еден на Рутенка Барса врати со серија од 4-0 и во 38-та минута на семафорот беше 13-13. Од тој момент па до крајот на натпреварот ниедна од екипите немаше поголема предност од еден гол разлика се до моментот кога Кире Лазаров со својот 3 гол на натпреварот и носи на Барселона водство од 2 голови разлика 22-20 во 53 минута на натпреварот. Веспрем преку Илиќ и Чема Родригес намалуваше на 1 гол разлика и ја одржуваше неизвесноста на овој натпревар, се до последните секунди од натпреварот кога судискиот пар буквално им ја одзема и последната надеж на унгарците за враќање во овој натпревар. Имено во последните 20 секунди од натпреварот при водство на Барселона од 25-24 и напад за нив, судиите во еден ист напад три пати ја оштетија екипата на Веспрем најпрво не досудувајќи пасивна игра, па очигледен аут и пробивање од страна на Виктор Томас. Тоа предизвика многу нервоза кај ракометарите на Веспрем, посебно кај шпанецот Чема Родригес. Барса со две раце го прифати подарокот на судискиот пар од белорусија, и Карабатиќ со шут од 9 метри стави точка на натпреварот што беше доволно за  трето место и бронзен медал.

Арпрад Штербик со своите 15 интервенции беше еден од најзаслужните за победата на Барселона на овој натпревар. Рутенка за разлика од полуфиналето, беше најефикасен постигнувајќи 11 голови ( 7 од 7 метри), додека пак Дани Сармиенто беше стрелец на 5 голови.
Во редовите на Веспрем најдобар стрелец беше Момир Илиќ кој постигна 7 голови ( 4 од 7 метри), Наѓ беше стрелец на 5, додека Чема Родригес 4 пати се запиша во листата на стрелци.