Барса славеше среде Париз, сега е лидер во групата

Најинтересниот дуел во групата А кој воедно беше и прогласен како меч на неделата од ЕХФ помеѓу ПСЖ и Барселона ги оправда очекувањата. Во неизвесен натпревар од почеток до крај Барселона го совлада ПСЖ на негов терен со 35:32 и ја зазема првата позиција во групата.

ПСЖ отвори со 2:0, но Барса веднаш се врати и поведе 4:3. Следуваше игра со мининмално водство на двете страни. Во 16. минута за прв пат една екипа имаше поголема предност, ПСЖ поведе со 11:8 и водството од три успеа да го одржи до 24. минута кога гостите израмнија на 14:14. Сепак на полувреме ПСЖ имаше минимална предност од 17:16.

Вториот дел подобро го започна Барселона, со серија од 4:0 го презема водството пред продолжението. ПСЖ возврати и повторно беше нерешено. Се играше потполно израмнето со минимално водство на едната или другата страна сè до последните минути. Во завшрните три минути ПСЖ влезе со два играчи помалку што беше и решавачко за победникот. Тоа го искористија гостите и стигнаа до многу важна победа.

Најрасположен за игра со составот на ПСЖ беше Сагосен со осум погодоци, а Хансен погоди петпати додека по четири гола постигнаа Сигурдсон и Карабатиќ. Во екипата на Барселона скоро сите играчи реализираа, а најдобар стрелец беше Палмарсон со шест гола пред Циндриќ со пет реализации.