Барса на колена пред Фленсбург!

Во вториот полуфинален натпревар на машкиот ракометен “фајнл-фор” во Келн, екипата на Фленсбург во драматична завршница дури по изведување на пенали успеа да ја елиминира големата Барселона 32-32 (17-18) (36-36 по продолженија). Во пенал серијата Фленсбург беше подобар со 5-3(вкупен резултат 41-39 за Фленсбург) и заслужено се пласира во утрешното финале каде за противник ќе го има актуелниот шампион на германија и трократен европски првак Кил.

гландорф радост

Овој натпревар беше уште еден класичен пример што значи германска екипа во било кој спорт, и како не треба да се слави победата пред истекот на 60-та минута. Сеуште ни се свежи сеќавањата на кој начин беше елиминиран нашиот Вардар, а истата судбина ја доживеа и големата Барса.

Барселона помалку незаинтересирано го започна овој натпревар и оставаше впечаток како да игра онолку колку што е потребно само да дојде до победата и пласман во големото финале. За Фленсбург пак самиот пласман на овој фајнл-фор турнир претставуваше празник и со голема мотивација влегоа во овој натпревар, посебно ако се знае дека на спротивната страна за противник имаа екипа како Барселона.

фленс барс 1

Првото полувреме помина во прилично изедначена игра на двете екипи.Од почетокот на натпреварот голманите беа на високо ниво. Кај Барселона изненадувачки Шариќ се најде на голот но извонредно ја заврши својата работа забележувајќи 8 интервенции во првиот дел. Андерсен во воведните минути успеа да одбрани два удари од 7 метри ( на Рутенка и Лазаров) и покажа дека искуството е на негова страна. Фленсбург својата шанса против каталонците ја бараше во брзата игра, и поголемиот дел од погодоците ги постигнуваше преку контра нападите на Егерт и Сван најчесто казнувајќи ги грешките на Барселона во нападот. Расположена беше и бековската линија на германците чии лидери беа Гландорф и Вајнхолд. За разлика од Фленсбург, Барселона во најголемиот дел од првото полувреме патот до мрежата на германците го наоѓаше преку данскиот пивот Нодесбо, а стандардно добар беше и Карабатиќ. Нашиот Лазаров влезе во игра во втората половина на првото полувреме и успеа два пати да се запише во листата на стрелците во првиот дел. Вајхолд со својот трет гол ги постави конечните 17-18 за Фленсбург по првите триесет минути. Фленсбург, по првиот дел покажа дека е дојден да се избори за финале, и дека на Барселона нема да и биде ни малку лесно.

кире фленс

Почетокот на вториот дел му припадна на Фленсбург кој во 35-та минута со головите на Ненадиќ, Могесен и Гландорф поведе со изненадувачки 18-21. Чави Пасквал реагираше и на паркетот ја прати условно најсилната седморка со Карабатиќ, Ентрериос и Лазаров. Во тие моменти каталонците заиграа како што треба, и од негатива од 2 голови разлика 20-22, успеа да направи серија од 6-0 и со голот на Лазаров да поведе со 26-22 во 40 минута од натпреварот. Во тие моменти Шариќ блескаше на голот, и со своите интервенции беше иницијатор на оваа серија на Барселона. Се доби впечаток дека Фленсбург падна на физички план, Барса умешно ја казнуваше секоја грешка на германскиот состав и на 10 минути до крајот ги имаше највисоките 6 голови разлика 32-26.

барса фанс

И кога сите во салата помислија дека продолжението на натпреварот ќе биде само рутина за екипата на Барселона, германската упорност и борбата до последните секунди од натпреварот дојде до израз. Каталонците како прерано да започнаа да го прославуваат пласманот во финале, правеа несватливи грешки во нападот, а упорните германци гол по гол ја анулираа предноста од 6 голови на Барселона. Вториот голман на Фленсбург, Расмусен влезе во игра во вториот дел и со неколку интервенции имаше свој удел во враќањето на својот тим. Посебно пријатно изненади играчот кој го замени индиспонираниот Егерт во вториот дел, младиот Ване кој со неколку важни голови го врати Фленсбург во игра. Можеби звучи неверојатно но Барселона не успеа да постигне гол цели 8 минути или до самиот крај на натпреварот, па така Фленсбург со серија од 6-0 успеа да успеа израмни на 32-32 и да се избори за продолженија. Последниот израмнувачки гол беше дело на Гландорф буквално во последните секунди од натпреварот.

Продолженија по 5 минути

И двете продолженија по 5 минути не донесоа ништо ново. Тотална неизвесост, гол за гол, како да сакаше овој натпревар да се решава на пенали. Сепак Барселона го имаше последниот шут за победа на овој натпревар но Расмусен го одбрани ударот на Карабатиќ во последната секунда. Изненадува одлуката на тренерот на Барселона, Чави Пасквал продолженијата од 5 минути да ги игра со Рутенка на линијата од 7 метри.

Пенал серија

0-1 (Егерт)
1-1 (Рутенка)
1-2 (Вајнхолд)
1-2 ( Карабатиќ промашува)
1-3 ( Готфрисон)
2-3 ( Томас)
2-4 ( Радивојевиќ)
3-4 ( Хуанин Гарсија)
3-5 (Ване)

пенал серија

фленс радост