Ако не покажат дека вредат повеќе, кадетите ќе останат само играчи за пополнување ростер

Египет е новиот светски првак во кадетска конкуренција. Првенството кое вчера за прв пат доби неевропска екипа за свој шампион се одигра во Македонија. На домаќинот кој заврши на тринаесетата позиција нема да му остане во длабоко сеќавање. Ниту страшно, ниту одлично, така ќе се искоментира пласманот на младите македонски ракометари на овој мундијал. А играта… е тоа е поинакво прашање, за кое треба сериозна анализа и дејствување, додека се уште може, метење на проблеми под тепих, оставање за подоцна, да созреат е веќе видено и лошо одиграно во минатото.

Не е страшно да се биде на средина на ранкингот, особено ако се знае дека минатата сезона оваа иста генерација не успеа да се избори за пласман во А европското друштво. Не е одлично со оглед на вложувањата кои матичната федерација ги имаше во проектот Светско кадетско првенство 2019. Сериозни турнири и противници се зад оваа генерација. Проектот започнат пред две години требаше својата кулминација да ја има овој август. Работеа со професионален селектор, им се овозможија соодветни услови за работа, а пред првенството имаа еден месец подготовки. Резултат: климава победа над Нигерија и Бахреин, трагичен пораз на почетокот од Аргентина, солидна партија против Данска и дебакл против Јапонија. И покрај се четврт-финалето беше достижно, недостигаше малку, Португалија за прикажаното дотогаш сосема заслужено излезе како подобар противник во овој дуел.

Што доби Македонија од ова првенство? Ништо. И претходно знаевме дека Ненад Костески е ракометар од светски ранг, сè уште чекаме Мартин Серафимов да се развие во потенцијалот кој е создаден во нашата глава, па веќе кога не видовме ништо од играта на Македонија барем да се израдувавме на некој нов блесок. Наместо да гледаме здодевен ракомет кој потсетува на некоја ветеранска екипа, очекувавме младоста да донесе брзина полетност убава игра па макар и по цена на грешки.

Пред кадетите има уште две години да покажат и докажат дека вредат повеќе, и преку младинските категории да се наметнат на македонскиот репрезентативен пазар. Затоа што потоа ќе останат само играчи за пополнување ростер.

Анализата од челниците на куќата на ракометот заедно со извештајот на селекторот треба да ја донесе конечната одлука и да даде одговор на прашањата „Дали настапот на кадетите е УСПЕШЕН или не? Имаше ли подобра селекција на играчи од оваа? Се влечеа ли вистинските потези? “.

Дали имаше грешки и можеше повеќе-секако да. Капетанот е одговорен за својот брод и посада, а македонскиот беше на работ на потоп, но успеа ја исплови и оваа мисија. Недисциплина на посадата, несоодветна обука, желба за докажување и недостаток на мотив, сегменти кои капетанот мора исправно да ги реши за да ја заврши мисијата по желба на своите надредени.
Никој не е безгрешен па ниту селекторот Брестовац, но тоа го знаеја од Федерацијата кога ги доверија сите репрезентации на млад и перспективен тренер со своја визија. Може ли сега да бараат вина?

Победата на Египет треба да биде мотив за поставување на соодветен систем и стратегија. Тоа го однесе Египет во топ 4 репрезентации во сите младински категории, не само оваа година туку неколку години наназад.

Македонија е мала земја со многу мислења. Во медиумскиот циркуз кој го следеше настапот на кадетската репрезентација се споделија многу тврдења, обвинувања и совети што од тренери, што од ракометни работници, што од новинари, што од раководни структури во управата на РФМ. Во средина на медиумската расправа се отвори темата за компетентноста на клубовите да ги изградат ракометарите во репрезентативци. Се навреди стручноста на тренерски величини како Јаковче Матлиевски, Оливер Димитриоски, Александар Јовиќ па дури и на самиот селектор Данило Брестовац кој седеше на клупата на Металург седум месеци минатата сезона.

И дојде денот кога веќе нема потреба да се зборува за клубовите, дојде денот кога Египет го крена мундијалскиот трофеј и ја затвори оваа тема. Затоа што Шармс, Замалек или Ахли не се фабрики за производство на млади кадри, а ниту се поквалитетни од Металург, Вардар или струшката школа КЛ7. Египќаните не носат шпански тренери за селектори од помодарство, прво Дејвис па Парондо треба да дадат поинаков квалитет и соодветно да ги засилат тренерските позиции.

Се работи за план, организација и спроведување на стратегија. Додека ние се споредуваме со Франција бидејќи двете селекции изгубиле од Португалија, тие ја спремаат новата пионерска репрезентација за младинското светско првенство за четири години. Шведска имаше лош настап на ова првенство откако минатата сезона оваа генерација ја освои европската круна, но она што не го знаете е дека шведската федерација во својата стратегија и план одлучила дека една селекција ќе игра секоја втора година, европските шампиони пристигнаа во Скопје со комплетно нов ростер играчи, кои ќе играат и на светското младинско првенство во 2021 затоа што индивидуалниот развој и одмор на младите ракометери е приоритет на федерацијата. Хитот на првенството Португалија својот план и систем започна да го применува многу одамна, изминативе две години тие ги гледаат плодовите на својот труд. Во развојот на португалскиот ракомет биле вклучени и светски експерти, затоа тие веќе можат да се потпрат на својата иднина.
Каде е нашата?