Ако нешто пропуштивте: Најинтересните моменти од Струга 2018 низ фотографии

Во неделата беше финиширано 46. издание од Струшкиот турнир и тоа со натпреварот меѓу Целје и Констанца кој заврши со резулат 25:24.

Претходните денови имаше многу интересни дуели кои донесоа возбудувања во голем број. Имаше многу натпревари кои ги решаваа нијанси и кои придонесоа за победникот, но имаше и некои други моменти кои го одбележаа ова натпреварување.

Се потрудивме низ фотографии да ве потсетиме како беше од 15 до 19 август во Струга. А вие можете да погледнете и да видите што и како се случуваше на отвореното игралиште на „Женска плажа“.

Веселин Вујовиќ го привлече вниманието уште на отворањето на турнирот против Струга. Секогаш имаше што да им каже на арбитрите и да ги направи средбите интересни.
Од оваа година теренот на отвореното игралиште на Женска плажа доби нова мултифункционална подлога. Имаше многу позитивни коментари од страна на сите актери за квалитетот на подлогата отпорна и ниски и на високи температури.
Младиот ракометар на Целје, Домен Макуц беше во центарот на вниманието. Тој беше прогласен за најдобар играч на турнирот, но беше и миленик број 1 на девојчињата во Струга.
„Гуштерот“ во редовите на Тулуз, Роман Жирду во Струга дебитираше за првата екипа. Традицијата вели дека мора да добие нова фризура, а истата може да ја видите на фотографијата. Не му е лесно бидејќи мора три дена да биде со ваков изглед.
Се работеше за турнир на пријателски средби, но секој меч беше со натпреварувачки карактер и дефинитивно немаше штедење ниту при стартовите.
Супер куп дуелот го разубаве уште повеќе турнирот во Струга. Двете најдобри екипи од Македонија ја отворија новата сезона со првата пресметка на официјален натпревар на отворено.
Целје првпат гостуваше во Струга и покажа дека тимовите од Словенија можат да бидат опасни на ваквите натпреварувања. Имаше интересни пресметки, а на крајот беше освоен и трофејот.
Кога е победата во прашање не се бираа средства. Имаше многу вакви стартови со цел да се дојде до добар резултат. Беше навистина жестото на теренот.
Македонските интернационалци играа во екипите на Констанца и Бешикташ. Никола Митревски, Велко Маркоски и Немања Прибак имаа добри средби за своите тимови и покажаа добра форма пред почетокот на сезоната.
Трибините на отвореното игралиште на „Женска плажа“ беа полни постојано, а особено во вечерниот термин од 21 часот. Сепак, најтесно беше на Супер купот меѓу Вардар и Металург. Затоа уште сега е најавено дека следното лето ќе има уште една нова трибина, а капацитетот ќе биде уште поголем.