Ќе има руско-унгарска војна во финалето: Ростов се помачи, но го победи Мец

Рускиот шампион Ростов Дон ќе биде ривалот на унгарскиот Ѓер во борбата за титулата на завршниот турнир во Лигата на шампионите, откако славеше во второто полуфинале против тимот на Мец со 25-27.

За разлика од првиот дуел, на овој беше многу поинтересно. Ростов водеше од почетокот на натпреварот, најчесто со три до четири голови разлика, но откако Мец не беше прецизен ниту еднаш во последните седум минути од првиот дел, предноста на рускиот тим одеднаш стана висока, 8-15.

Во второто полувреме, поранешната вардарка Песоа застана на голот на Ростов, но нејзините колешки не беа толку прецизни во нападот. Згора на тоа трето исклучување доби и Ксенија Макеева, па одбраната на рускиот тим беше ослабена.

Мец полека се врати во игра, намали на 15-17. Потоа Ростов ја врати контролата и имаше четири голови предност, 20-24, но следуваше нов камбек и на Мец, на четири минути до крајот, 22-24. Песоа одбрани пенал на Заади на две минути до крајот и веќе победникот беше решен со конечни 25-27.

Најдобри стрелци кај победничкиот тим беа Вјахирева со седум и Абинг со пет, додека и Песоа имаше одлична партија во финишот. Кај Мец се истакна Заади со осум голови, а Оует даде пет. Финалето меѓу Ѓер и Ростов се игра утре од 18:00 часот, додека мечот за трето место од 15:15 часот.