Ќе има ли одмазда за ланскиот пораз? Вардар – Рајн Некар е меч на колото во ЛШ

Во ланската шампионска сезона, единствената екипа што победи во Скопје беше Рајн Некар. Вардарци сезонава ќе имаат шанса да се одмаздат за тој пораз, бидејќи повторно ќе се соочат во групната фаза со германскиот првак, а нивниот меѓусебен меч, кој е закажан за 18 ноември во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“, од страна на ЕХФ е прогласен за „меч на колото“.

Ова ќе биде првпат дуел на Вардар сезонава да биде „меч на колото“. Во претходното 5 коло, Вардар како домаќин ја победи Барселона со 27:24, а Рајн Некар лесно на домашен терен излезе на крај со Загреб победувајќи го со 31:24. Германците имаат одиграно два нерешени натпревари досега, еден на домашен терен со Барселона, и потоа во гости кај Нант.

Пред да дојдат на дуел со Вардар, Германците ги чекаат натпреварите со ПИК Сегед во Унгарија и гостување кај Барселона во Шпанија. Вардар пред дербито со Рајн Некар има две гостувања, едно во Шведска кај Кристијанштад на 4 ноември и потоа во Хрватска кај Загреб на 11 ноември.

Досега во групната фаза од Лигата на шампионите Вардар и Рајн Некар одиграле вкупно шест натпревари. На четири триумфирал Вардар, а на два тимот од Манхајм.