Јуниор ја урна Македонија среде Ѓорче

Тимот на Јуниор Кисела Вода оствари значајна победа на гостувањето кај Македонија во Ѓорче Петров со 27-28 во 5. коло од плеј-офот во Првата лига.

Натпреварот беше посебен за домашниот тим со оглед на тоа што го посветија на прерано починатиот навивач Филип Мартиновски Пумба. Водеа момците на Џевад Равманоски во финишот и со два гола разлика, но сепак избрзаа во последниот напад.

На полувреме се замина со 12-12, откако домашните ракометари најпрво ја стигнаа гостинската предност од 4-7, израмнија на 8-8 и потоа до паузата се играше гол за гол.

Во вториот дел ѓорчевци водеа со еден или два голови разлика, а момците на Благојче Весиќ мораа да ја бркаат предноста. На две минути до крајот беше 27-26 за Ѓорче, но домашните избрзаа во два наврати.

Јуниор погоди преку Марио Гичев од пенал во последните секунди за 27-28 и немаше веќе време за Македонија Ѓорче Петров за нешто повеќе.

Најдобри кај домашните беа Димовски со шест, како и Апостоловски и Ѓорѓевски со по пет, додека кај победникот голманот Затаракоски имаше успешна вечер, а Гичев беше предводник на нападот со осум голови.

Со оваа победа Јуниор остана на првата позиција на табелата во плеј-офот, но исто така и Работнички славеше над Металург 2, па се чини дека меѓу овие две екипи ќе се бара патникот во Суперлигата.