Јуниор се израдува на бод во возбудливото скопско дерби со Металург 2

Екипите на Металург 2 и Јуниор Кисела вода исто како и на стартот од плеј-оф лигата и денеска во 8. коло одиграа интересен меч во кој неизвесноста траеше до последните секунди од натпреварот. Последната минута од дуелот донесе по еден погодок на двете страни така што на крајот и двете екипи мораа да се задоволат со по еден бод иако нијанси ги делеа од триумф. На крајот беше 21:21 така што од ова реми корист има тимот на Работнички.

Металург 2 имаше предност од стартот на средбата. Тргна подобро во натпреварот и во добар дел од средбата беше во позитива. Имаше водство од три гола кое се очекуваше да биде само зголемено, но на 10:7 беше промашен зицер по што тимот на Јуниор се врати и израмни на 10:10 за нерешен резултат на одмор.

Во вториот дел од средбата неизвесноста беше присутна во текот на сите 30 минути. И на двете страни имаше добри моменти, но никој не успеа да направи поголема предност за мирно продолжение од натпреварот. Се играше постојано со тесен резултат така што никој не можеше да биде предвреме прогласен за победник.

И на двете страни имаше инспирирани и мотивирани ракометари така што нијанси решаваа. Металург зададе удар на триесетина секунди до крај преку Младеновиќ кој погоди за 21:20, но и Јуниор Кисела вода имаше свој одговор преку Биковски со што на крајот останаа пет секунди кои не беа доволни за домашените да се изборат за гол и победа како на првиот меч.

На крајот двете екипи мораа да се задоволат со реми и да поделат по еден бод од овој дерби дуел така што останува битката за место во Супер лигата и понатаму, а двете екипи се главните конкуренти на Работнички за првото место.

МЕТАЛУРГ 2 – ЈУНИОР КИСЕЛА ВОДА    21:21 (10:10)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Илија Цветкоски од Прилеп.

МЕТАЛУРГ 2: Василевски, Божиновски, Михајлов 4, Кондев  3, Попов, Кофилоски, Гошевски 4, Митиќ 1, Ристовски 2, Л. Додиќ, Гогов, Прцуловски, Младеновиќ 7, С. Додиќ, Гајиќ, Мијатовиќ.

Седмерци: 2/3, Исклучувања:2 мин.

ЈУНИОР КИСЕЛА ВОДА: Богдановиски, Затараковски, Биковски 2, Атанасовски, Гичев 4, Крстевски 1, Чапов, Јаховиќ, Маркудов, Трајковски 4, Тодоров 2, Коловски 4, Гроздановски 3, Трајчевски 1.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 4 мин.