Јуниор КВ со триумф кај Младост ги одржа шансите за Суперлига

Во претпоследното коло од плеј-офот во Првата лига екипата на Младост 09 беше домаќин на Јуниор Кисела Вода кој сеуште има можност да обезбеди бараж, па и директен пласман во Суперлигата. Гостите дојдоа до посакуваната победа во пресрет на последното коло и славеа победа со 26:29.

На натпреварот во кој победата беше императив за составот од Кисела Вода и двете екипи започнаа добро. Беше 4:2 за Младост, а од тогаш гостинскиот тим заигра подобро и со серија од 6:0 стигна до добра предност. До крајот на првите 30 минути успешно го одржуваа стекнатото водство и на полувреме имаа предност 10:14.

Во продолжението Младост се обидуваше да ја стигне негативата и да направи пресврт. Сепак, Јуниор КВ го држеше доброто темпо на игра во вториот дел и секоја закана успешно ја одбиваше. Домашните имаа постојана негатива од три до четири, а само во еден момент стигнаа на -2, но тоа не беше доволно за пресврт и позитивен резултат. На крајот Јуниор КВ оствари важна победа.

Во составот на Младост 09 најефикасен беше Мите Караиванов со шест гола, а Кристијан Ристов постигна пет гола. За Јуниор Кисела Вода речиси сите играчи ја погодија мрежата на противникот, а најепрецизни беа Гичев, Крстевски и Ников со по четири погодоци. Во последното коло Јуниор КВ го пречекува Работнички и со победа ќе обезбеди најмалку бараж за Суперлигата.