Јуниорите ги запишаа првите бодови во Супер лигата

Во третото коло новиот суперлигаш Вардар Јуниор ги освои првите три бодови со победата над Пелистер од 24-23 во СРЦ Кале.
Првото полувреме помина во изедначена игра во која резултатската предност секогаш беше на страната на домаќините. Во средината на првиот дел ракометарите на Пепи Манасков создадоа серија од три голови во низа за 10-7, но гостите до крај на првите триесет минути ја намалија разликата на само еден гол, за конечни 13-12.
Во вториот дел со нова серија од 5-0 домаќините ја создадоа највисоката предност од 19-14, но битолчани повторно се вратија во натпреварот и се доближија на два гола разлика на петнаесет минути до звукот на сирената, за 20-18. Благодарение на одличните интервенции на Чаневски, Јуниор на четири минути пред крај имаше четири голови предност, но последните минути од натпреварот му припаднаа на колегата од спротивната страна, српскиот интернационалец Игор Арсиќ со чија помош Пелистер дојде во позиција да се бори за израмнување. Но остана многу малку време за сензација, на крај Вардар Јуниор се радуваше на првите бодови во најсилната ракометна лига во Македонија, со тесна победа од 24-23.
Најпрецизен во редовите на Јуниор беше Андоновски со шест, додека Неданоски, Чурлевски и Вујачиќ постигнаа по пет. Кај Пелистер капитенот Дрогришки постигна седум, а Чачиќ шест погодоци.