Јошко Петковиќ повторно се враќа во Битола

Откако своето тренерско име го изгради во Македонија, еден од најуспешните српски тренери Јосиф Петковиќ повторно се враќа во Македонија. Тој од неодамна е промовиран за нов тренер на амбициозниот состав Железничар од Ниш, а со новиот клуб, силен спонзор и ракометна управа ќе се обиде да дојде до врвот на српското првенство откако тимот доби вајлд-карта за настап.

Во минатото искусниот стратег често бил гостин на Пелистер во македонското национално првенство. Популарниот Јошко Петковиќ заедно со својот клуб на 8 и 9 септември е предвидено да пристигне во Битола, но овојпат домаќин ќе му биде тимот на Еурофарм Работник со кој ќе одиграат две контролни средби. Со тоа двете екипи ќе ги заокружат своите подготовки за престојните предизвици во националната лига на Македонија односно Србија.

Јошко Петковиќ македонската јавност го познава како тренер на женскиот колектив Кометал Ѓорче Петров со кој дојде до финалето на Лигата на шампионките, но во својата кариера српскиот стратег седеше на клупата на најсилните македонски екипи, меѓу нив и на Вардар и Металург. Во својата биографија зад Петковиќ стојат и селекторувањата со машката и женската сениорска репрезентација.

Нов тимски менаџер на српскиот суперлилгаш е Игор Шмигиќ, уште едно познато ракометно име кој настапуваше во Металург од Скопје, а иако се уште се не се открива името на новиот спонзор, РК Железничар оваа сезона со силен состав ќе атакува на првото место во најсилната ракометна лига во Србија.

Составот на Андон Бошковски, Еурофарм Работник е во последната фаза од подготовките пред почетокот на новата сезона. Амбициозниот македонски суперлигаш ги започна подготовките во Битола, потоа замина за Маврово, а минатата седмица ја помина во Охрид каде одигра неколку контролни натпревари со Металург и РК Струга. Првиот натпревар битолскиот суперлигаш треба да го одигра на средина на септември против Младост од Богданци.