Јовиќ: Македонија ги има Червар и Гонзалес, а не ги користи доволно

На денешната прес конференција пред дуелот меѓу Металург и Загреб во рамките на СЕХА Лигата, помошникот на хрватскиот тренер на клупата, Александар Јовиќ, упати апел до медиумите и до ракометната јавност во Македонија, за поддршка во една негова иницијатива. Се работи за едномесечни собири, односно семинари, каде македонските тренери би можеле да учат некои нови работи од двајцата стратези од Хрватска и Шпанија.

„Сакам да упатам апел до медиумите и до јавноста, да иницирате да се одржува еден вид собир за тренери, барем еднаш во месецот, што би го воделе тренерите на Вардар и Металург, Раул Гонзалес и Лино Червар. Сметам дека во Македонија овие врвни тренери не се доволно искористени и треба да се иницира собирање еднаш месечно на семинари за сите ние како ракометни тренери да го искористиме тоа. Тие се долго време во Македонија и треба да имаме корист од нивната работа.“ – порача Јовиќ.