Јовановска знае како против Исланд: Нашиот колектив ќе ја победи нивната брза игра

После вчерашната победа над Азербејџан, денеска репрезентацијата на Македонија има нов далеку поголем предизвик против селекцијата на Исланд и дуел на кој ќе се оди во директен двобој за првото место во Групата 4. Македонија како домаќин на турнирот влезе во квалификациите со најголеми шанси за успех, а тоа ќе треба да се потврди на теренот и денеска.

Вчерашната средба беше загревање, па тој дуел сигурно ќе послужи и за поголем мотив сега против Исланд.

„Азербејџан беше непознат противник за нас, но работевме добро за време на подготовките. Она што го подготвивме и го одигравме добро за овој натпревар, но сега треба да мислиме на следниот дуел против Исланд. Имаме подготвено добра тактика за овој натпревар против Исланд, но мораме да бидеме внимателни. Квалитетот на Исланд е поголем од оној што го има селекцијата на Азербејџан, а исто така и на Турција. Се надеваме на позитивен резултат“, коментираше Дајана Јовановска, ракометарката која игра во првенството на Исланд.

Таа одлично ги познава противничките и секако ќе треба да го потврди тоа и на теренот заедно со своите колешки и да покаже дека се одлично подготвени.

„Играм волигата на Исланд и позната ми е играта. Се работи за скандинавска школа која се одликува со брз ракомет. Одлично се подготвени на физички план, но тоа не мора да значи ништо на теренот и ќе видиме на самат средба како ќе функционираат работите. Нивниот менталитет и нашиот не е ист. Нас не одликува тимската игра. Сите ние работиме една за друга и даваме сè од себе на терен“.

За денешната средба вели дека првите неколку минути ќе имаат голема улога и ќе го дадат правецот по кој ќе се движат работите на теренот.

„Со оглед на тоа што не сме имале многу натпревари против селекцијата на Исланд досега, на самиот натпревар ќе се види како ќе тече играта. Ќе се види дали ќе може да ни парираат, или ние на нив. Селекторот ја има тактиката, но таа ќе ја откриеме за време на средбата“, изјави Јовановска.

Натпреварот почнува од 18 часот и денеска Македонија го има клучот со кој ќе ја отвори вратата кон нов пласман во баражот за Светското првенство во 2019 година.