Јовановска: Вардар ни покажа дека може против секого со 60 минути борба без откажување

Додека вардарци се подготвуваат за финалето против Веспрем во Келн, во Скопје девојките кои се дел од сениорската репрезентација на Македонија се во завршна фаза на подготвувањето за првиот меч од баражот за Мундијалот во Јапонија. Репрезентативките се во полн ритам и очекуваат да блеснат на теренот како што беше случај со Вардар синоќа во Келн против Барселона.

„Победата на Вардар не само што ни даде мотив плус за денешниот натпревар туку докажа дека во спортот се играат 60 минути до крај без откажување, без разлика каков е резултатот и противникот. Им посакувам среќа во финалето“, вели една од главните во одбранбената линија на Македонија, Дајана Јовановска.

Противник на Македонија во мечот кој почнува од 20:30 часот е Словенија. Селекција против која дефинитивно може да се надигрува и на првиот и на вториот меч од баражот.

„Словенија е селекција која има настапувано и на Светски и на Европски првенства. Таа е со поголемо искуство, а ракометарките имаат играно и многу средби во Лигата на шампионите. Ние сме подготвени за она што не очекува. Подготвени сме на сè и ќе дадеме сè од себе и тука и таму. Грос е единствената ракометарка која бие од далечина, но тука е и Станко која знае да помогне. Тие се главната алка на Словенија каде мораме да затвориме и да играме подвижно“.

Сепак, Македонија има свои квалитети и дефинитивно ќе има што да покаже на теренот особено вечерва во СЦ „Борис Трајковски“.

„Нас не краси тимскиот дух. Играме заедно и од срце за Македонија, така ќе биде и вечерва“, изјави Јовановска за 24 Ракомет.

Средбата стартува од 20:30 часот па ова ќе биде можност за двојно уживање бидејќи доаѓа после финалето од Лигата на шампионите.