Ја завршува кариерата на 21 година за да се посвети на семејството

Украинската ракометарка Илона Гајкова одлучи многу рано да ја заврши својата кариера. Таа настапуваше за клубот Галичанка и беше МВП во Супер лигата но одлучи да прекине со активно играње. Таа се мажи и ќе се посвети на семејството.

Илона има само 21 година и настапуваше на левата бековска позиција, а во интервју за сајтот на клубот Галичанка од Лвов ја објави својата одлука за ставање крај на кариерата.

„Ми се случија некои нови работи во животот. Се мажам и сега целосно сум посветена на подготовките за свадбата. Понатаму планирам да се посветам на моето семејство. Но, останувам во Лвов и сигурно ќе присуствувам на натпреварите на Галичанка. Овој клуб засекогаш ќе остане во моето срце. Му посакувам само победи во иднина“, рече Гајкова.