“Јане Сандански” започнува успешна “црвено-црна” приказна

Екипата на Вардар на доминантен начин ја сефтоса новата сала,, Јане Сандански” декласирајки ја екипата на Чеховски Медведи со 39-28 (24-12) со што ја забележа и втората победа во групата Ц во ЛШ.

На крилата на еуфоричната атмосфера по повод пуштањето во употреба на новата сала, “црвено-црните” доминантно го отворија натпреварот не дозволувајќи им на гостите од  Русија да постигнат гол цели 6 минути , притоа постигнаа 4 за водство од 4-0 во 6 минута. Русите успеаа да намалат на 5-3 во 9 минута и од тогаш почна да тоне нивниот брод. Во наредните минути Вардар буквално започна да ја “меле” руската екипа па Дибиров и Душебаев со по два и Чипурин со еден гол учествуваа во серијата од 5-0 за 13-5 во 18 минута. Публиката беше во транс, вардарци буквално летаа на теренот, а разликата постојано се зголемуваше. Цврстата одбрана под команда на Арпад Штербик овозможуваше лесни голови кои преку контра напади ги реализираа буквално сите ракометари на Вардар, а Тимур Дибиров посебно брилираше во таа категорија постигнувајки 8 голови само во првиот дел. Шишкарев со својот втор гол во 23 минута веќе зголеми на десет голови разлика 17-7 за нова ерупција на трибините. Одличната игра на Вардар во првото полувреме беше крунисана со цепелиниот на релација Прибак- Дибиров во последната минута од првиот дел. Дибиров го отвори,тој и го затвори првото полувреме со својот 8 гол за конечни 24-12 по триесет минути игра.

Во второто полувреме Вардар малку го намали темпото на игра пред се поради високото водство кое го имаше на полувремето. Русите успеаа да намалат дел од разликата па во 39 минута резултатот беше 27-19. Резултатот во никој случај не беше доведен во прашање, вардарци повторно заиграа на високо ниво, Петар Ангелов кој го замени Штербик беше одличен на голот, а Марковиќ со својот гол во последните минути од натпреварот повторно ја врати разликата од 12 голови 38-26.
Одличниот Шишкарев со својот петти гол ги постави конечните 39-28.

Тимур Дибиров со 8 и Алекс Душебаев со 7 постигнати голови беа најпрецизни во екипата на Вардар. Во екипата на Чеховски Медведи, Александер Деревен постигна 7 голови.

По овие две многу важни победи против Целје и Чеховски Медведи, екипата на Вардар со голема самодоверба влегува во натпреварот против германскиот вицешампион Рајн Некар Ловен кој е на програмата на 12 октомври исто така во спортскиот центар “Јане Сандански”.