Јанеска за 24 Ракомет: Малку време, а многу новитети на песок, нови правила за учење…

После осум години Македонија се враќа на големите натпреварувања во ракомет на песок, а на Европското првенство во Полска одат и машката и женската селекција. Селекторот Сашо Србиновски во тимот има ракометарки кои во моментов можеа да одговорат на повикот.

Во составот има и две ракометарки кои се дел од сениорската селекција, а една играше и во баражот против Словенија на почетокот на месецов. Моника Јанеска ќе биде дел и од овој состав, а ова ќе и биде ново искуство.

„Многу е тешко да се направи префрлање за кратко време од паркет на песок. Сепак, сите сме во тренажен процес. Дојдовме после долга сезона и не би требало да ни биде поголем проблем за да се aдатираме. Покрај тоа мораме да научиме и нови правила. Тие се поинакви во однос на нормалниот ракомет. Има постојани измени во одбраната и во нападот и се игра многу динамично. Има разлика во однос ракометот кој го играме постојано. Тука има многу поголема атрактивност. Шутевите се поинакви. Се прават пируети за да се добијат повеќе поени. Има и цепелини. Иако ги има и во нормалниот ракомет и многу често ги гледаме во изведба на пример на Лазаров и Манасков, сепак, тука се нешто поинакви и потешки за правење бидејќи се на песок“, вели Моника Јанеска за 24 Ракомет.

Двете репрезентации веќе неколку дена работат на Кејот на Вардар каде што има терен за ракомет на песок.

„Тренираме двапати на ден. Ќе работиме шест дена. Тоа е малку за подготовки за настап на Европско првенство, но се трудиме колку што можеме повеќе за да успееме да се снајдеме подобро на теренот и ќе дадеме сè од себе“.

Македонија се враќа на шампионатите, а има тешка група. Се соочува со селекциите на Русија, Данска, Германија и Украина.

„Премногу долго не немаше на шампионатите во ракомет на песок. Последен пат наша репрезентација учествуваше пред осум години. Се најдовме во силна група против селекции кои се постојано на големите натпреварувања и кои имаат искуство. Некои од нашите ривали дури имаа и лига во ракомет на песок. Нашите противници се силни, но ние нема да се откажеме и ќе се потрудиме максимално на теренот“.

Што се однесува до нашиот состав таму една ракометарка има поголемо искуство бидејќи веќе играла на ваков тип на натпревари.

„Во нашата селекција имаме една ракометарка која веќе има искуство со ваков тип на натпревари. Теодора Маркоска досега била на турнири и таа ни е најискусна во овој состав. Нема настап на Европско првенство, но играла на турнири и таа ќе не води на теренот“, коментираше Јанеска за 24 Ракомет.

Средбите од групната фаза Македонија ќе ги игра на 2 јули. Првенството го отвора против селекцијата на Русија.