Ѓер ќе го напаѓа Вардар без Сузан Милер!

Денес ќе се одлучува дали Лигата на шампионки ќе има нов владетел. ЖРК Вардар со пристојна предност од шест разлика отпатува за Ѓер, а во Скопје ја остави Итана Грбиќ која беше дел од составот на натпреварот во „Јане Сандански“.
Унгарскиот шампион има поголеми главоболки, една од најдобрите поединки во екипата на Ѓер, германската интернационалка Сузан Милер и официјално нема да настапи на последниот дуел од елитното натпреварување во Ауди арената во Ѓер. Уште вчера тренерот на екипата Амброш Мартин навести дека Милер има одредени проблеми со повреда, но се надеваше дека лекарскиот тим ќе успее да ја подготви за клучниот натпревар оваа сезона. Денес пристигна и официјална потврда дека Унгарките на десната бековска позиција ќе ја немаат Милер која по повредата на Аморим е клучен играч во нападот на Ѓер.
Вардарки отпатуваа комплетни, но без младата крилна ракометарка Итана Грбиќ која шансата за настап ќе ја бара во евентуалниот пласман на Фајнл Фор турнирот. За да отпатуваат на завршниот турнир во Будимпешта на 9-ти мај, доволно е Вардарки да загубат во Ѓер, но со помалку од пет голови.
Желбата е голема, а крајната цел непроценлива. Колективот на „црвено-црните“ најави борба за победа во Ауди арената, и доколку се знае дека тоа им успеало само на неколку европски екипи е одлична најава за мотивираноста на ракометарките на Вардар. Натпреварот против актуелниот освојувач на Лигата на шампионки треба да покаже дека она што „црвено-црните“ го одиграа во текот на сезоната е само загревање за конечната разврска околу новиот владетел на европскиот женски клупски ракомет.
Првиот натпревар заврши со резултат 24-18, а возвратниот меч ќе се одигра денес од 16:30. Ракометниот клуб Вардар за сите љубители на ракометот организира следење на натпреварот на видео-бим пред платото на спортскиот центар „Јане Сандански“.