Ѓер конечно со нов голман: Кари Гримсбо е новиот чувар на мрежата во таборот на Европскиот шампион

На почетокот на сезоната актуелниот европски шампион се соочи со неколку потешкотии на голманската позиција поради бременоста на Катрине Лунде Харалдсен. Унгарките брзо најдоа решение со преселбата на Јелена Грубишиќ во составот на шампионот, но повредата со која се стекна таа повторно на мака ги стави унгарските шампиони.

По шпеклуациите во медиумите и  непосредно пред почетокот на главната рунда игра во Лигата на Шампионите, Ѓер објави дека постигнал договор со Кари Гримсбо кој во наредните 2.5 години ќе ја чува мрежата на шампионите. Иако Гримбсо имаше валиден договор со својот дански тим – Есбјерг до 2016 година, меѓу двата клуба дојде до договор со што норвешкиот голман ќе се пресели веднаш во Унгарија заедно со нејзиниот сопруг и син.

“Ѓер има повреден голман и тие имаат потреба од голман не само во овој момент но и за во иднина исто така. Ова е одлична можност за мене и кога ваква можност ќе се појави, тешко е да се каже не. Секако ќе биде тешко да му кажам збогум на клубот и на луѓето во Есбјерг, каде што јас и моето семејство бевме многу среќни сите овие години. Клубот постигна добар напредок и лично јас доста се развив како играч во периодот кој го поминав таму. Им посакувам се најдобро до крајот на сезоната” изјави Гримсбо за медиумите.