Ѓер го освои суперкупот на Унгарија

Екипата на Ѓер го освои суперкупот на Унгарија во женска конкуренција. Во борба за трофејот, ракометарките на Ѓер беа подобри од ФТЦ во Веспрем со резултат 29:28 (15-9). Ѓер одлично го започна натпреварот и не дозволи изненадување во првите 30 минути. На полувреме избраничките на Амброс Мартин имаа позитива од шест голови разлика (15-9). Во вториот дел падна нивото на игра на екипата на Ѓер, составот на ФТЦ заигра поангажирано, па во последните минути натпреварот влезе во драматичен финиш. ФТЦ во последните минути бркаше негатива од два до три голови, но поискусните ракометарки од Ѓер не дозволија тоа да се случи и се израдуваа на првиот освоен трофеј во новата сезона.

Анита Горбиц го предводеше Ѓер со девет голови, додека кај ФТЦ најефикасна беше Жита Цусански со осум постигнати голови.