Шпанци кои му носат „среќа“ на Вардар ќе судат на реваншот во Сегедин

Предноста од осум погодоци стекната на првиот натпревар против Пик Сегед ракометарите на Вардар ќе ја бранат во Сегедин на 5 мај од 19 часот. Вардар има 31:23 и ова се осум гола кои сигурно ќе бидат огромна предност и на реваншот.

Веќе е познато и кои ќе бидат арбитрите за вториот дуел. Тие се објавени денеска, а се работи за добро познатите Шпанци, Оскар Рели Лопез и Анхел Сабросо Рамирез. Арбитрите досега биле среќни за Вардар бидејќи на двете средби на кои им суделе вардарци победиле.

Првпат ја делеа правдата на дуел на Вардар во 2014 година исто така во четврт-финалето. Тогаш Вардар славеше со 27:25 против Флезбург, но не успеа да се пласира на Ф4 поради тоа што противникот постигна три гола повеќе на гостувањето.

Вториот пат Рели и Сабросо му судеа на Вардар минатата сезона и тоа на гостувањето во Плоцк. Вардар ја совлада Висла со 26:22. Тоа беше меч од групната фаза.

Шпанците му суделе неколкупати и на Металург, но и на репрезентацијата на Македонија. Тие беа арбитри на ЕП во 2012 година и тоа на дуелот со Данска, но и во клучниот меч за пласман на олимписките квалификации против Словенија.

Првиот делегат е Норвежаните Дагфин Вилангер, а со него на запишничката маса ќе биде и Георге Бебетос од Грција.