Шпанија се зацврсти на првата позиција по тесната победа над Русија

Во сосема изедначен натпревар од групата А репрезентацијата на Шпанија успеа да ја забележи втората победа на првенството по триумфот забележан над младата руска репрезентација и се зацврсти на првата позиција на табелата.

ГРУПА А (Унгарија,Ѓер)

РУСИЈА – ШПАНИЈА 24-25 (14-13)

Добриот почетен напад за Русија и успешната реализација на линскиот играч Макеева ја доведоа Русија до првиот погодок на натпреварот. Следуваше изедначена игра на двете страни, но трите успешни реализации на Кармен Мартин од 7 метарската линија и донесоа на Шпанија минимална предност во почетните минути. Свои моменти на натпреварот имаа двата голмани Сидорова и Наваро а играта погодок за погодок продолжи се до 25тата минута кога конечно русинките со реализацијата на Черноиваненко успеаа да се одлепат на 3 погодоци разлика во нивна полза. Советите на шпанскиот селектор повторно ја вратија неговата репрезентација во игра со што тие успеаа да ја намалат разлика само на еден погодок 14-13 до крајот на првиот дел.

Одличен старт на вториот дел за русинките со погодокот на десниот бек на Ѓер Анна Сен, но на спротивната страна Манге повторно го доведе натпреварот во “егал” а со шестиот успешен погодок на линијата од 7метри на Кармен, Шпанија повторно поведе. Жестокиот старт во 52 минута и го доведе третото исклучување на Кабрал и за неа мечот заврши предвреме, а русинките мудро ја искористија оваа предност и уште еднаш го изедначија резултатот на само 5 минути пред крајот на натпреварот. Сепак на крајот пресудна беше поголемото искуство кое шпанките го имаа позади себе за на крајот да дојдат до тесна победа од 25-24.

Признанието за најдобар играч во репрезентацијата на Шпанија го доби искусната Манге, додека кај русинките признанието отиде кај  Сидорова.

Со оваа победа репрезентацијата на Шпанија се зацврсти на првата позиција со 4 бода по два одиграни натпревари додека Русија ќе мора да ја бара шансата на следниот натпревар против Полска.