Шок за составот на Трефилов: Романија го сруши олимпискиот првак

Второто коло од Европското првенство во групите Ц и Д повторно носат нови возбудувања и изненадувања. Натпреварот меѓу Романија и Русија заврши со голема победа за составот на Амброш Мартин кој успеа да го надмудри составот на актуелниот олимписки шампион. Во натпревар во кој доминираа одбраните на двете екипи и бројните промашени шанси подобро се снајдоа репрезентативките на Романија и на крај славеа убедлива победа со 22-17.

Романија уште на самиот почеток на овој дуел создаде предност од четири погодоци (6-2 12′), разлика која се одржуваше до крајот на првото полувреме. Во самиот финиш Горшениена и Постнова ја вратија неизвесноста на овој дуел и намалија на само гол разлика за 10-9, но Гајгер ги постави конечните 11-9 по првите триесет минути.

На почетокот на второто полувреме составот на Трефилов повторно го изедначи резултатот, а неизвесната борба се задржа до 37-та минута. Олимписките првенки се обидоа да го превземат резултатот но промашените зицери, одличната романска голманка Деду и добрите решенија во нападот предводен од фантастичната Неагу беа пречка за нова руска радост. Ниту фластерот над Неагу и 17-те одбрани на Калинина не ја наруши играта на романските репрезентативки. Предводени од искусниот шпански стратег Мартин,  Романија делуваше зрело, концетрирано и искусно ја одржа разликата до самиот крај. Точка на оваа бајка за романскиот состав стави одличната голманка Деду која партијата од соништата ја круниса со 22 одбрани, а Ундристиу стави точка на овој дуел со првиот гол на првенството од својата половина за победа од 22-17.

Букеши и Неагу псотигнаа по 7 голови и го предводеа одличниот напад на Романија. На спротивната страна Постнова постигна 4, а ниту трите погодоци на Вјахирева и Дмитриева не беа доволни да се избегне пораз.

Со овие бодови Романија се изедначи на втората позиција со Русија, пред дуелот меѓу Хрватска и Норвешка кој ќе даде појасна слика за групата Д. Без разлика на резултатот последниот патник во главната фаза ќе се бара во последното коло кога Норвешка ќе се судри со Русија, а Романија ќе има полесна задача против Хрватска.