Шок за Вардарки при слетувањето во Љубљана: Дури и оние кои не се плашат од летање помислија дека тука е крајот!

Вардарки никако да дојдат на себе. По бројните повреди и лошите резултати на гостувањата во Лигата на шампионите, „црвено-црните“ конечно имаат шанса да дојдат до првата победа на гостински терен во групната фаза.
Но судбината си поигра со македонскиот шампион уште пред да го допрат словенечкото тло. Имено ракометарките на Вардар доживеале голема непријатност при слетување на аеродромот во Љубљана. Поради силниот ветар, авионот се наклонил повеќе од нормалното, по што неконтролирано започнал да се спушта. За среќа сето тоа траело неколку моменти, а пилотот успешно го слетал леталото од повторениот обид. За шокот кој го доживеале ракометарките на Вардар за црногорските медиуми посведочи Јованка Радичевиќ.
„Беше хаос. Авионот започна со слетување и започна да се лула. Во прв момент помисливме дека е само турбуленција, бидејќи така изгледаше, ветерот започна да дува се посилно како што се спуштавме. Го видовме градот и пистата, но тогаш авионот се накриви и започна да пропаѓа. Многумина започнаа да врискаат, по што одеднаш се крена нагоре.
Никој не ни се обраќаше. Стјуардесата потполно занеме, а пилотот се јави дури 15 минути по ужасната сцена и ни кажа дека бевме под силен страничен ветар и дека ќе се обиде да дојде до пистата од друга страна. Верувајте, беше ужасно, дури и некои од нас на кои не им е страв од летање помислија дека тоа е крај. На сите ни беше тешко потоа, бевме во очајна состојба. Долго време не можев да дојдам на себе“
изјави Јованка Радичевиќ за црногорскиот весник Vjesti.