Шмал: Штербик е вистинско богатство на Вардар

Голманот на Кјелце и на полскиот национален тим, Славомир Шмал во изјави за официјалниот сајт на својот клуб го анализираше Вардар кој е последната пречка на полскиот состав за пласман на фајнл-фор турнирот во Келн. Шмал имаше пофални зборови за целокупниот состав на “црвено-црните” но посебно внимание посвети на Арпад Штербик за кој смета дека е вистинско богатство за екипата на Вардар.

Подготовските за дуелот со екипата на Вардар траат веќе подолго време. Пред Велигден работевме доста напорно, а оваа недела ја посветуваме за анализа на нашиот противник. Во овој момент тоа е за нас најважниот натпревар на сезоната. Го респектираме противникот но ќе се бориме за победа на овој натпревар.

Вардар има одлични настапи оваа сезона во ЛШ. Ми се чини дека тие играат слично како нас. Имаат состав на играчи кои се познати во европски и светски рамки. Едно од најголемите имиња во овој состав на Вардар секако е Арпад Штербик. Одличен ракометар е и Сергеј Горбок со кој имав прилика да настапувам во Рајн Некар Левен. Тимур Дибрив е многу брз играч кој постигнува многу голови, и е посебно опасен во контранападите. Во средината го имаат Игор Карачиќ кој полека прераснува во лидер на екипата а исто така и во хрватската репрезентација. На десната страна го имаат Алекс Душебаев, син на нашиот тренер, кој исто така е одличен стрелен но и добар тимски играч.

Зборував со Мариуш Јуркевич и тој ми го потврди тоа што можевме да го видиме на ТВ. Вардар е опасна екипа во текот на сите шеесет минути. Како и секоја екипа тие имаат добри но и послаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме.