Шест од шест за унгарскиот шампион: Веспрем пресилен за некомплетниот Металург

Во натпревар од третото коло од СЕХА лигата, македонскиот шампион Металург се враќа поразен од гостувањето во Веспрем. Моќниот состав на унгарскиот првак беше пресилен за младите ракометари на Металург. Натпреварот заврши со резултат 33-21.

Иако натпреварот го започнаа поискусните Миркуловски, Атман и Липовина, агресивната одбрана на противникот и недостатокот од квалитетни решенија на надворешната бековска линија уште на самиот почеток ја најавија доминацијата на унгарците. Македонскиот првак се обидуваше да се доближи до линијата од 6 метри, но цврстата и на моменти груба и некоректна игра на домаќините оставаше простор само за шут од далечина, обиди кои беа лесен плен за блокот и голманот Миклер. По првите 15 минути игра, Веспрем имаше пет голови разлика 10-5. Во 21-та минута, Кристијан Заиц ги постави највисоките осум голови предност 15-7. Таа разлика се задржа до самиот крај на првиот дел, а резултатот по првите 30 минути беше 18-10.
На почетокот на вториот дел, Веспрем само ја зголеми предноста. Неколку одбранети зицери на Миклер и брзата транзиција на домаќините му овозможија на Иванчик, во 42-та минута да го одведе Веспрем на највисоките 12 голови предност 24-12. Кога веќе беше познат победникот, до крајот остана само рутински да се приврши овој натпревар кој заврши со конечни 33-21 и нови три бода за лидерот на табелата, Веспрем.
Во тимот на Металург недостасуваа неколку клучни ракометари меѓу нив: Станиќ, Вугринец, Мојсовски, Димовски и Марковски.
Најдобар поединец во редовите на македонскиот првак беше хрватскиот интернационалец Лука Циндриќ кој постигна 6 голови, на спротивната страна словенечкиот интернационалец Гаспер Маргуч беше прецизен седум пати.