Шего „удри“ по Червар и ХРС: Сигурно го избришале мојот број

Голманот на ПИК Сегед, Марин Шего и покрај тоа што брани во одлична форма во унгарскиот вицепрвак, сепак не добива повици од Лино Червар за настапи во националниот тим на Хрватска. За тамошните медиуми, ја отвори душата и го кажа тоа што го мачи.

Алиловиќ, Ивиќ, Стеановиќ, Пешиќ, Шуњиќ, Ашанин…сите овие поминаа низ националниот тим во минатите години, но немаше место за Шего кој беше дел од „коцкестите“ на СП во 2011.

Червар и Хрватска ги очекува ЕП на домашен терен, па во неколку циклуси тренерот на Металирг ги повикуваше сите ракометари кои ќе бидат во потесна конкуренција за настап, но од Шего ни трага, ни глас.

„Сигурно го немаат мој број во Сојузот, можеби веќе и го избришале. Ако порано ми пречеше таквиот игнорантски однос, сега не е таков случајот, иако не можам да кажам дека има мала доза на разочарување.“ – вели Шего.

Преку Загреб, стигна до Полска и ги бранеше боите на двата најдобри клубови Киелце и Висла Плоцк, пред да се пресели во Унгарија, каде со успех настапува во дресот на ПИК Сегед, што значи дека и сезонава како и лани ќе го видиме во Скопје.