Шевцов, Бебешко или Каменица? Белоруски Мешков во потрага по нов тренер!

После повеќе од 2 години плодна соработка помеѓу Брест Мешков и Жељко Бабиќ, по успешните настапи во домашното првенство, Лигата на шампиони и СЕХА лигата заврши престојот на Бабиќ во Белорусија.
Бабиќ од неодамна е нов селектор на жешкото столче на хрватскиот национален тим. Големите очекувања што хрватската јавност ги има кон новиот селектор во надеж дека ќе ги врати на патеките на успехот се голема обврска за поранешниот тренер на Мешков. Откако Хрватска го одбра наследникот на Голужа, Бабиќ истакна дека шанса да ја води репрезентацијата на Хрватска не смее да ја пропушти и со мислите сака да биде целосно насочен кон квалификациите за Европското првенство 2016.
Сопственикот на Брест веќе ја започна потрагата по ново име кое ќе го замени новиот селектор на Хрватска, а како најсериозни кандидати се споменуваат селекторот на белоруската репрезентација Јури Шевцов, украинскиот стратег Сергеј Бебешко и искусниот босански тренер Касим Каменица. Конечната одлука ќе се знае во наредните две недели.