Шведска и го нанесе првиот пораз на Франција

Во мега пресметката од групата 2 во главната фаза од ЕП која се игра во Загреб, репрезентацијата на Шведска ја совлада Франција со резултат 29-26. Упорните Швеѓанки покажаа карактер враќајки се во натпреварот по негативата од 6 голови во првото полувреме. Со оваа победа Шведска во овој момент се наоѓа на првото место со што ја направи уште поинтересна Групата 2, во која до самиот крај ке бидат отворени двете места кои водат во полуфиналето.

ГРУПА 2 (ХРВАТСКА, ЗАГРЕБ)

ШВЕДСКА-ФРАНЦИЈА 29-26(12-14)

Натпреварот го отвори Огрен и преку контра напад ја донесе Шведска во водство од 1-0. Франција катастрофално го започна натпреварот кога цели седум минути не успеа да ја затресе мрежата на Шведска, но за среќа на голот ја имаа фанстастичната Амандин Лејно која успеа да забележи неверојатни седум интервенции во воведните седум минути. Малерот на Франција го скрши Лакрабе која го постигна првиот гол за својата репрезентација по седум минути игра и израмни на 1-1. Торстенсон повторно и донесе водство на Шведска од 2-1, но во продолжението следуваше црн период во нападот на Шведска која цели 9 минути не успеа да ја затресе мрежата на извонредната Лејно. Французинките тоа го искористија на најдобар можен начин и преку серијата од 6-0 успеаа да стигнат до највисоките + 6, 2-8 во 16 минута. Ида Оден успеа да ја прекине црната серија на швеѓанките и да погоди за 3-8. Франција го одржуваше водството помеѓу 4 и 5 голови разлика кога со голот на Лакрабе поведе со 7-12 во 23 минута. Шведска одговори со серија од 3-0 која со 2 гола ја предводеше Џесика Хелеберг, за намалување на -2, 10-12 на четири минути до крајот на првиот дел. До крајот се играше гол за гол, а Линеа Торстенсон ги постави конечните 12-14 по триесет минути игра.

dembele

Хагман ја продолжи гол серијата и во вториот дел, и со два гола по ред успеа да донесе израмнување за Шведска, 14-14 во почетните три минути. На спротивната страна Александра Лакрабе со трите гола во серија беше најрасположена за игра. Бодовите беа значајни и за двете репрезентации и во продолжението гледавме вистинска борба во Загребската арена. Франција одржуваше минимална позитива од еден гол разлика до 48 минута, а Изабел Гулден успеа да го сврти резултатот која по подолго време донесе водство за Шведска од 21-20. Во последните десетина минути Шведска најчесто напаѓаше преку крилните позиции, а Франција од бековската линија. Гол за гол се играше до 4 минути пред крајот,кога Шведска со двата гола на Блум и Хагман дојде на чекор до победата поведувајки со 28-25 во 57 минута. Лакрабе намали на 28-26 и со тој резултат се влезе во последната минута. Лакабре се обиде со удар од 9 метри да ја доведе Франција на -1 во последните триесетина секинди но Филипа Иден го скроти нејзиниот удар. Точка на натпреварот стави најпрецизната во шведскиот состав, Натали Хагман која со својот седми гол ги постави конечните 29-26.

Натали Хагман со 7 и Изабел Гулден со 4 гола беа најпрецизни во репрезентацијата на Шведска.Во репрезентацијата на Франција најмногу се истакна Лакрабе со 10 постигнати погодоци.

Ракометарки на натпреварот:

Изабел Гулден (Шведска)

Александра Лакрабе (Франција)