Шариќ царуваше на голот на Катар: Домаќинот со победа над Бразил го стартуваше СП

Во премиерниот натпревар на СП во Катар 2015 домаќинот Катар со победа над Бразил од 28-23 го стартуваше Светскиот шампионат. Фантастичниот Даниел Шариќ со извонредни 22 одбрани беше несовладлива пречка на голот на Катар и секако најзаслужниот за првата победа на СП.

КАТАР-БРАЗИЛ 28-23 (15-12)

Катар подобро го започна натпреварот и со головите на Денали и два на Махмут веќе по четири минути имаше водство од 3-0. Бразил цели 6 минути го бараше патот до противничката мрежа за конечно Чиуфа да го постигне првиот погодок за “кариоките” на ова СП намалувајки на 3-1. Бразилските крила беа расположени за игра па на Чиуфа во реализацијата му се приклучи и Риберо кои го вратија Бразил во игра на -1 (4-3). Следуваше период на доминација на Катарците кои благодарение на одличниот Шариќ на голот (девет одбрани во првиот дел) и левото крило Махмут успееа да направат серија од 4-0 и дојдат до +5 (8-3) на половина од првиот дел. Бразилците се обидуваа да одговорат со проигрувања на линијата од 6 метри, но домаќинот не само што успеа да ја одржи својата предност туку и преку третиот погодок на уште еден странски легионер во катарскиот состав, Жарко Марковиќ зголеми на највисоки 13-6. Во последните десетина минути од првото полувреме Бразил успеа да намали дел од високото водство на катарците и на пауза се замина со конечни 15-12 во корист на домаќинот.

Saric

Во првиот дел од второто полувреме катарците ја одржуваа предноста од три голови позитива. Шариќ ја продолжи фантастичната серија од првото полувреме, а Жарко Марковиќ во 47 минута повторно му носи на Катар позитива од пет гола, (21-16). Но, бразилците покажаа дека немаат намера пред време да се предададат на овој натпревар, успевајки да направат нова серија од 4-0 која ја предводеше одличното десно крило Чиуфа за намалување на 21-20 во 52 минута. Сепак домаќините не дозволија со пораз да го започнат ова СП, одговарајќи со нова серија од 5-1 за ново водсто од 26-21 на три минути до крајот со што практично беше решен победникот на овој натпревар. Шариќ царуваше на катарскиот гол со фантастични 22 одбрани.