Шансите за 2. место исчезнаа: Металург го имаше Бешикташ, но капитулираше во второто полувреме

Екипата на Бешикташ со далеку подобрата игра во второто полувреме комплетно ги уништи сите надежи на Металург да дојде до 2. место во групата Д откако денеска со победата од 32:29 успеа да се најде на солидна предност. Металург до крајот тешко дека ќе може и до 3. позиција така што овој пораз ќе биде голема лекција.

Работите беа поинакви после она што можеше да се види во првото полувреме, но во вториот дел Металург немаше шанса да направи нешто повеќе откако Турците успеаја да бидат подобри толку-колку што беше доволно да ги освојат бодовите.

Уште од првиот напад екипата на Металург најави атак на победа. Работите одеа добро бидејќи во нападот момците на Ацо Јовиќ играа според планираното и успеваа да реализираат. Тоа носеше резултат и постојано зголемување на предноста.

Металург тргна со 7 на 6, но имаше комбинирање со оглед на тоа што не се форсираше по секоја цена особено откако се виде дека во нападот ќе има игра за поголем број на голови. Бешикташ не се снаоѓаше најдобро, а тоа остави простор за Металург да ја води играта и да го диктира темпото.

Во ниту еден момент не беше дозволено Бешикташ да се приклучи односно да дојде до израмнување. Освен почетните 1:1, во продолжение на првиот дел од средбата Металург го имаше водството и успеваше да се одржи на одлична позитива.

Сепак, до крајот на првото полувреме разликата беше само два гола, а на одмор Металург имаше 13:15.

Во вториот дел Бешикташ тргна посилно. Успеа да стигне до нерешени 19:19 во 39. минута од мечот што беше најава за возбудлива завршница на средбата. Само малку беше доволно за Бешикташ да дојде до 21:19, а потоа Металург го засили темпото и одново се врати во игра во мечот и во 42. минута беше одново нерешено, 21:21.

Во овој дел од средбата, кај гостите убедливо најдобар беше Немања Прибак кој знаеше како да ги проигра своите колеги, а тиа без проблеми да реализираат. Покрај тоа имаше поддршка и од голманот Хендави, кој бранеше одлично во второто полувреме што го враќаше Металург чекор назад во битката за бодовите.

Дека ќе биде тешко Металург да победи се виде на десет минути до крајот кога Бешикташ стигна до 26:22 и успеа комплетно да ги сврти работите во своја корист. Во последните две минути Металург беше со ракометар повеќе и се бореше со сите сили да дојде барем до реми, но не успеа да ја мине и последната пречка, Хендави кој беше играч на овој меч.

БЕШИКТАШ – МЕТАЛУРГ            32:29 (13:15)

Сала: Араста во Истанбул. Судии: Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ од Австрија. Делегат: Небошја Вујисиќ од Црна Гора.

БЕШИКТАШ: Хендави (15 одб.), Каратај, Вржалиќ 5, Прибак 4, Лазаров 2, Крсманчиќ, Демирезен 1, Радојковиќ, Толга 7, Гунај 2, Кесер, Нулц 4, Томиќ, Доне 7.

Семдерци: 1/1, Исклучувања: 10 мин.

МЕТАЛУРГ: Арсиќ (4 одб.), Томовски (2 одб.), Петров 4, Јагањац 2, Токиќ 2, Танкоски, Серафимов 1, Кузмановски 7, Илиќ 3, Анѓелиќ 4, Велковски 1, Пешевски, Палевски 2, Гуглета 3, Димитриевски, Арсеновски

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.