Шампионски ритам на „црвено-црните“: Вардарки му одржаа лекција на Турингер

Ракометарките на Вардар се изборија за втора победа сезонава во ЛШ со што покажаа дека се во одлична форма и дека продолжуваат во силниот ритам. Високиот триумф од 29:21 над Турингер е доказ дека грешките од финишот против ФТЦ се научени, па сега се играше 60 минути и победата беше неизбежна.

Почетокот на средбата мина во испитување на силите и десетина минути менување во водство. Турингер успеваше да се снајде на почеток, но тоа беше уште период во кој само се бараше играта која што ќе донесе подобар резултат.

После 4:4, Лејно успеа да запре две топки кои овозможија Вардар првпат да дојде до плус два и да поведе со 6:4. Откако Турингер израмни во 10. минута, следуваше период на Вардар во кој се користеше играњето со ракометарка повеќе.

Двете исклучувања кои бе од 11 до 16 минута овозможија „вардарки“ да дојдат до зголемување на предноста. Со серија од 6:0 стигнаа до 6:12 и тука веќе беше комплетно скршен отпорот на противникот. Шанса за намалување дојде кога Цвијиќ и Лекиќ беа исклучени речиси во 30 секунди, па повеќе од 80 секунди Вардар беше со четири ракометарки во поле. Тука Турингер намали на три гола и дојде до 11:14.

Ова се случи во 22. минута, но потоа до крајот на првиот дел следуваше пеколен ритам на Вардар и нова серија. Овој пат таа беше 5:0 за на одмор да се замине со 11:19. Во овој дел стрелаа сите девојки. Цвијиќ беше одлично затворена од страна на одбраната на противникот, но тоа отвори простор за другите кои одлично го користеа просторот.

Првата позитива од десет гола дојде после четири минути игра во второто полувреме кога Вардар поведе со 12:22. Тука веќе беше сосема јасно кој ќе успее да победи, па можеше да се влезе во продолжение во кое мирно ќе се одработат задачите. Поддршката од голманите беше на ниво. Лејно после одлично завршената задача го отстапи местото на Суслина која успеа да запре три пенали и уште неколку удари од игра така што Турингер немаше простор за да се врати во игра.

Двоцифрената предност беше постојано присутна, а иако домашните на моменти намалуваа не можеа да направат нешто повеќе бидејќи Вардар знаеше како да се врати одново на висока позитива.

На крајот беше крунисано сето она што беше сработено на теренот, па победата беше и повеќе од заслужена, а квалитетот целосно реализиран.

ТУРИНГЕР – ВАРДАР    21:29 (11:19)

Сала: Велингсбург во Нордаузен. Судии: Марек Барановски и Богдан Леманович од Полска. Делегат: Дарко Репеншек од Словенија.

ТУРИНГЕР: Екерле (2 одб.), Краузе (6 одб.), Шефкнехт 6/12, Ланг 1/4, Мазуко 0/1, Шмелцер 0/4, Нидервизер 2/4, Лузумова 8/13, Јакубисова 4/9, Волболд 0/2, Редер, Хубер 0/1.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 8 мин.

ВАРДАР: Лејно (8 одб.), Суслина (4 одб., 3 сед.), Радичевиќ 7/10, Кликовац 0/2, Саздовска 1/1, Кузњецова 2/2, Бајрамоска 0/2, Лазовиќ 2/2, Пенезиќ 5/11, Чанаџија, Лакрабер 5/8, Хмирова 1/1, Цвијиќ 1/2, Лекиќ 5/6, Петровиќ, Ристовска

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 10 мин.