Шампионската серија продолжува: Вардар го сруши и квалитетниот Нант

Актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Вардар во првиот меч пред своја публика после освојувањето на круната успеа да го надигра и Нант на Кире Лазаров кој се далеку посилен од минатата година. Со 27:23 и одлична игра во клучните моменти, Вардар заслужено ги освои бодовите на овој дуел и дојде до седмата победа во серија во Лигата на шампионите.

После петте победи лани и минатонеделната кај Висла, ова беше само нов доказ дека Вардар продолжува со шампионскиот ритам.

Средбата тргна со две одбрани на Штербик и една на Думолин. Двајцата покажаа одлична форма и потврдија дека се одлично расположени за игра. Првиот гол дојде после четири минути игра, а гостите водеа до 3:2. Вардар тука успеа да ја зацврсти уште повеќе одбраната, но го искористи и играњето со играч повеќе бидејќи Торно беше исклучен кај Французите. Играта со двајца пивоти во напад им донесе пресврт и поведоа со 4:3.

На средина од првото полувреме резултатот беше 5:3, а добрата одбрана и на двете страни беше причина за малиот број на погодоци во овој дел од средбата.

Само пет минути беа доволни за работите да се изменат. Гостите успеаја да најдат начин да ги запрат бековите на Вардар, а тоа им даде можност да се вратат во ритам, па на почетокот на 21. минута дојдоа до пресврт и одново поведоа. Имаа 7:6, а тоа беше причина за Раул да побара тајм-аут и да ги смири своите играчи.

Минатата одмор даде резултат бидејќи работите одново се сменија. Вардар најде начин преку својот пивот да ја растура одбраната, а Рожерио Мораеш биеше одлично. Успеа да го совлада Думолин двапати во серија откако претходно и Дибиров беше прецизен, па Вардар поведе со 10:8, а тоа овој пат беше знак за тренерот на гостите да повика минута одмор.

Ова не донесе никаква промена на теренот бидејќи Вардар продолжи да игра во силен ритам. Го полнеше голот на гостите, а се разиграа и другите ракометари па на почетокот на 29. минута беше достигната највисоката предност од пет гола разлика, 14:9.

Доколку не се случеа неколку грешки сигурно разликата ќе беше и поголема, но и со 14:10 Вардар имаше убава предност после првиот дел.

Во првите 30 минути, Кире Лазаров доби само десетина минути во кои упати еден удар од седум метри, но тој беше запрен од страна на Арпад Штербик.

Почетокот на второто полувреме донесе неколку грешки, но на двете страни. Потоа головите дојдоа наизменично и на двете страни. Погодуваа и „вардарци“, но и тимот на Нант. Сепак, грешките беа повеќе кај гостите, па во 38. минута, Дибиров ја врати најголемата предност за Вардар од пет погодоци. Вардар имаше сигурно 19:14 на 22 минути до крајот.

Петте гола се стопија набрзина и после тајм-аутот на Тиери Анти за само три минути, Вардар имаше водство од 19:18 што беше причина за реакција од страна на Раул Гонзалез. Исто како и во првото полувреме и сега даде резултат набрзина, па Вардар одново се врати на четири гола позитива. Тука своја улога имаше и Штербик кој успеа да запре уште еден седмерец, овој пат од Гурбиндо.

За да не биде се така едноставно и да може да се гледаат мирни последни десет минути се погрижија гостите. Прво Мораеш направи престап, а потоа следеа два гола, па на нешто повеќе од осум минути до крајот позитивата беше само еден гол, 24:23. Стојанче Стоилов во тие моменти мораше како капитен да ја преземе одговорност. Прво постигна гол за 25:23, а потоа откако гостите згрешија изнуди пенал, кој Чупиќ не успеа да го реализира бидејќи биеше во стативата.

Сепак, до крајот одбраната заврши одлична задача и не дозволи погодок, а на крајот Дибиров во последната минута стави точка за 27:23 и нов триумф на Вардар.

ВАРДАР – НАНТ      27:23 (14:10)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 2000. Судии: Петер Бруновски и Владимир Чанда од Словачка. Делегат: Томо Водопивец од Словенија.

ВАРДАР: Штербик (11 одб., 2 сед.), Ѓорѓески, Стоилов 1/1, Поповски, Криштопанс 5/8, Мораеш 6/9, Македа 0/1, Абутовиќ, Кањелас 2/2, Циндриќ 2/4, Чупиќ 4/5, Дибиров 4/6, Шишкарев, Борозан 3/5, Војводиќ, Марсениќ

Седмерци: 4/4, Исклучувања:

НАНТ: Думолин (6 одб.), Сиферт, Лагард 1/2, Фалувеги 2/3, Њокас 4/7, Клер 1/5, Буриќ 2/2, Клајн 0/2, Пехмалбек 1/1, Турно 2/3, Фелихо, Емоне 1/2, Матулиќ 1/3, Лазаров 0/1, Гурбиндо 4/6, Балагер 4/8

Седмерци: 1/3, Исклучувања: 2 мин.